Не се избира претседател на МАНУ, туку на државата


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Убаво беше да се види како една предизборна политичка дебата во земјава завршува со прегратки меѓу кандидатите. За разлика од досегашната практика, кога по низа отровни вербални стрели дуелите завршуваа со куртоазни ракувања меѓу соговорниците, првата дебата меѓу тројцата кандидати за претседател на државата заврши со прегратки, откако Силјановска-Давкова, Пендаровски и Река, исто така, се „почестија“ меѓусебно со критики, ама на ниво на нивната универзитетска професионална определба од која целат и на највисоката политичка функција во земјата.
По игра на случајот, на годинешниве избори сите кандидати се погодија од универзитетската фела и тоа како професори од областа на уставното или меѓународното право. Но, за волја на вистината, професорското или научното искуство на Силјановска е многу поголемо од искуството во таа сфера на другите двајца кандидати, кои, пак, за разлика од нивната противкандидатка имаа познавања во други области, како на пример, во сферата на дипломатијата или безбедноста. Професионалниот бекграунд на кандидатите секако дека е еден од поважните елементи за нивно претставување пред гласачите, но далеку од тоа дека треба да биде пресуден при изборот за тоа кој ќе биде „татко или мајка“ на нацијата.
Од тој аспект, претенциозното инсистирање на Силјановска на својата професорска титула, што особено дојде до израз при нејзиното прво јавно соочување со противкандидатите, во најмала рака беше несоодветно. Па дури и дегутантно, поради обидите да прикаже научна супериорност во однос на нејзините ривали, толкувајќи го и критикувајќи го исклучиво низ таа призма и Преспанскиот договор. Друго прашање е колкав процент и до која мера нејзините потенцијални гласачи, особено оние што не студирале на скопскиот Правен факултет, го разбраа нејзиниот строго професорски вокабулар. На крајот на краиштата, претстојното гласање не е за избор на претседател на МАНУ, туку за претседател на државата. А тоа е сепак политичка функција, која во одредени случаи бара и одредена прагматичност и флексибилност од нејзиниот носител и приспособување на актуелни прилики на домашен или на меѓународен план, особено кога е во прашање остварувањето на стратешките приоритети на државата.
Друга работа што падна в очи од дуелот е инсистирањето на Силјановска на нејзина партиско-политичка неутралност до степен што соопшти дека во конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ немало критериум во кој се бара потенцијалните кандидати да имаат ставови што се блиски до политиките на партијата. Затоа, пак, таков услов стоел во конкурсот на СДСМ. Впрочем, и да е така, а не е – барем што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, факт е дека во периодот откако беше номинирана, Силјановска не демонстрираше позабележливи отстапки во однос на ставовите на партијата што застана зад нејзината кандидатура. Па дури и нејзината „симболика“ со темницата во Охрид, на самиот старт на кампањата, неодоливо потсетува на изреката „секогаш е најтемно пред зората“, со која Христијан Мицкоски го заврши возвратното писмо до поранешниот американски функционер Вес Мичел, откако тој изрази разочараност на САД од опозицијата во земјава во периодот меѓу референдумот за името и првото гласање за уставните измени.
Всушност, и претседателот во заминување, Ѓорге Иванов, е универзитетски професор на истиот факултет на кој предава Силјановска. Но, токму во неговите два мандата се покажа дека ако некој е добар професор, конкретно политиколог, не значи дека ќе биде и добар политичар. Оваа споредба се наметнува како показател за тоа дека Силјановска не е прв кандидат за шеф на државата од универзитетската фела, ниту, пак, од Правниот факултет во Скопје, а веројатно нема да биде ни последен.
И на претходните претседателски избори ривал на Иванов, покрај Пендаровски, му беше уште еден универзитетски професор – Зоран Поповски од Факултетот за земјоделски науки. Во 2009 година, пак, главен конкурент на Иванов му беше познатиот професор од Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски, чие универзитетско искуство секако би можело да се спореди со тоа на Силјановска, освен што во неговата биографија е запишан поголем политички стаж од тој на сегашната кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата.
До пред една деценија, пак, Македонија немаше универзитетски професори на формално највисоката функција во политичката хиерархија, туку имаше шефови на државата главно со силен политички багаж, почнувајќи од Киро Глигоров, преку Борис Трајковски, па до Бранко Црвенковски. Нивните политики мошне често наидуваа на поделени, па и на жестоки реакции во јавноста. Сепак, богатото политичко искуство им овозможи да влечат одлучни, па и болни потези во мошне турбулентни ситуации со кои се соочуваше, исто така, државата во првите две децении од независноста. Тоа беа чекори што неретко беа на границата на правото. Затоа, пак, беа соодветни на политичката реалност во тие моменти во државата и во насока на остварување на нејзините стратешки цели.