Не е време ниту за гурабии, ниту за бисквити: Ковачевски загрижен за националистичката реторика
Големиот излив на националистичките пораки последниве денови го загрижи претседателот на СДСМ, Димитар, Ковачевски, бидејќи овие избори се за европската иднина на Македонија.
„Гледаме овие денови, а посебно вчера, дека веќе растат тензиите за изборите. И има причина за тоа. Овие избори се клучни за нашата иднина. Овие избори се глас за или против нашата европска иднина. Овие избори не се за бисквити и гурабии. Мене тоа воопшто не ми е смешно. Затоа што кога ќе слушнам заканувачки тонови, тоа веднаш ме потсетува на она што се случи пред дваесет и нешто години по планините околу нас“ рече Ковачевски на митингот во понеделникот вечерта во Велес.
Тој ѝ порача на албанската заедница дека ова е и нивна земја и никој не може да им ги земе правата кои се запишани во Уставот.
„Но вие имате и одговорност. И ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа, никој здраворазумен нема да го дозволи тоа“, рече Ковачевски.
Потоа претседателот на СДСМ се обрати и до Мицкоски, на кого му рече да биде внимателен по патот кој го фатил, бидејќи тој има последици.
„Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација, тоа е и враќање назад. Ние не сакаме назад во 2001 година или којзнае каде. Нашето меѓунационално единство е сѐ уште кревко. Не може да си дозволиме кој било да си игра со него“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека СДСМ отсекогаш била партија која покажувала лидерство и одговорност.
„Само СДСМ може да го предводи обединувањето на граѓаните и на државата зад една заедничка идеја. Зад идејата за европска иднина. Само СДСМ ја има таа моќ може да ги поврзе сите луѓе без разлика на нивната припадност“, нагласи лидерот на СДСМ.