Не е сеедно: Во кое време од денот треба да јадете мед?


Покрај количината, многу е важно и во кое време од денот консумирате мед.

Секој знае колку мед има позитивен ефект врз имунитетот, меѓутоа, количината на овој природен засладувач не е секогаш иста за секого, предупредува руската нутриционистка Ана Кошечкина.

– Не постојат јасни стандарди што би ја одредиле точната количина мед што може да се јаде во текот на денот. Ако некое лице јаде многу слатки, јаглехидрати, гликоза и фруктоза секој ден, тогаш дефинитивно не треба да претерува со медот. Можеме да претпоставиме дека просечното лице јаде околу 100 грама шеќер дневно, а препораката е малку пониска – од 70 до 90 грама. Шеќерот се наоѓа во речиси сите намирници. Затоа е корисно да се консумираат не повеќе од три до пет лажички мед дневно за да се има корист, но да не се предизвика штета на вашето тело, како на пример, зголемување на телесната тежина, појава на кариес… – објаснува Кошечкина.

Освен количината, многу е важно и во кое време од денот консумирате мед.

– Мислам дека зависи со што го земате. Ако се комбинира со производи што содржат кофеин, тогаш е подобро наутро. На пример, чајот или кафето со мед најдобро е да се зема пред пладне. Медот не содржи супстанции што е важно да се земаат во одредено време од денот. Но, поради фактот што има многу јаглехидрати, веројатно е подобро да се консумира во првата половина од денот, за да има време телото да ги користи овие состојки за енергија, а не за масти – советува нутриционистот.