НБМ со укажување до банките: добивката од 2019 да ја искористат за зголемување на капиталот


Фото: Б. Грданоски

Дали годинава банките ќе делат дивиденди? Ова прашање се наметнува откако кризата со корона вирусот ги промени и економските текови во земјава и ги соочи и граѓаните и правните лица со огромна неизвесност. Колкави штети ќе претрпи стопанството допрва ќе се прават пресметки, но од Народната банка, која го регулира банкарскиот сектор во земјава, велат дека банките уште сега треба да се подготвуваат да бидат и во иднина столбот кој ќе помогне во заздравување на македонската економија. Оттаму и укажувањето добивката која ја имаат остварено минатата година, да се насочи кон зајакнување на капиталот на банките.

„Во рамки на интензивната комуникација со банките во овој период во врска со нивната подготвеност за справувањето со потенцијалните негативни последици од вирусот Ковид-19, Народната банка им укажа дека очекува како и досега, тие да покажат високо ниво на прудентност, вклучително и при носењето на одлуките за распределба на добивката остварена минатата година“, велат од НБМ.

Притоа, како што нагласуваат, надзорните и управните одбори на банките веќе биле известени дека како надлежен регулаторен и супервизорски орган НБМ очекува добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив.

„Како што им е укажано, банките треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите кои се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот Ковид-19 врз домаќинствата и правните лица“, велат од НБМ.

Како што нагласуваат од централната банка, високото ниво на прудентност при носењето на одлуките за распределба на добивката ќе придонесе за натамошно успешно одржување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор, а со тоа и за одржување на финансиската стабилност.

Инаку, минатата 2019 година банките во Македонија, и покрај тоа што имаа за 21,5 милиони евра помала добивка од претходната и рекордна 2018 година, сепак работеа успешно. Тоа го покажува и профитот од околу 114 милиони евра на ниво на целиот банкарски сектор. Најголемиот дел од добивките и минатата година го остварија големите банки, нешто над 113 милиони евра. Успешни беа и малите банки кои имаа профит од 2,2 милиони евра, додека пак, средните по големина банки на крајот на годината беа во негатива од 1,2 милиони евра, покажуваат податоците на НБМ.

Деновиве, на презентирањето на првиот пакет мерки за поддршка на стопанството, гувернерката на НБМ, Анита Ангеловска Бежоска меѓу другото рече дека банкарскиот сектор останува да биде здравото јадро на македонската економија.

„Банкарскиот систем е стабилен, со високо ниво на капитализираност и адекватност на капиталот од 17 отсто, што е повеќе од двојно над законските барања“, рече гувернерката. Исто така и ликвидноста на банките е одлична, а нивото на лошите кредити изнесува 4,8 отсто, значајно помалку (за околу 2 до 3 процентни поени) во однос на повеќе земји во регионот.

Сепак, ризиците со кои се соочуваат фирмите поради кризата со корона вирусот, очигледно, го подигнаа нивото на претпазливост во централната банка. Дали банките ќе ги следат ваквите упатства, ќе се дознае наскоро, бидејќи некои од нив веќе ги имаат закажано акционерските собранија, а преку Македонската берза известија дека дел од добивката ќе распределат како дивиденда за акционерите. (М.Ј.)