Навреда била македонскиот клуб да се нарекува по Никола Вапцаров, вели општината Благоевград

Советот на општината Благовград во Пиринска Македонија донел решение да не се дозволи отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ затоа што тоа било антибугарска провокација. Неделникот „Фокус“ го објавува факсимилот на решението на советниците од Благоевград, кое било усвоено со 25 гласа „за“, ниту еден „против“ и четири „воздржани“.
Во ова решение се наведуваат познатите „историски“ ставови од Софија – дека „за нас е неоспорен историски факт дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната во 1934 година, дека нејзината единствена причина за постоење била да им служи на интересите на болшевичката партија и на Советскиот Сојуз и за целите на туѓа држава!
Историски факт е дека до крајот на Втората светска војна термин како ‘македонска нација’ не се среќава во ниту еден бугарски историски извор, па ни во оние од поранешна Југославија! Терминот се појави со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во границите на поранешна Југославија и како резултат на насилното наметнување на политиката на ‘културна автономија’ во Пиринско“, стои во решението.
Понатаму се наведува дека „за нас како Бугари и жители на Пиринска македонија е крајно голема навреда и провокација еден голем бугарски поет, каков што е Никола Јонков Вапцаров, да му наметнува туѓа национална самосвест“.
Општинскиот совет заклучува дека ако некоја група на граѓани која се дефинира како малцинство, се чувствува угнетено, треба да се обрати до судските органи и да побара правна заштита според бугарското и европското законодавство. Па уште се додава дека „со ваквите провокативни дејствија, Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е грубо прекршен, сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија се погазени и нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија е попречена“.