Навални откри дека руски агент во август го затрул со „новичок“ преку долната облека


Германија – Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални тврди дека руски агент во август годинава го затрул со нервниот агенс „новичок“ преку неговата долна облека.

Откривањето на агентот, кој и припаѓал на елитната екипа за отрови во руската Служба за безбедност (ФСБ), се случило во телефонски разговор, откако Си-Ен-Ен и истражувачката платформа „Белингат“ ја открија оваа тајна единица.

Агентот не разговарал со службеник на Рускиот совет за национална безбедност како што мислел, туку со самиот Навални, кој едвај го преживеал труењето во август.

Навални веќе долго време му е трн во окото на претседателот Путин поради откривањето на корупција во високите ешалони на власта и водењето кампања против неговата владеачка партија „Единствена Русија“.

Истрагата на „Белингат“  и Си-Ен-Ен откри дека тимот за отрови на ФСБ од околу шест до 10 агенти повеќе три години го следел Навални. Откако идентификуваа поголем дел од тимот, Си-Ен-Ен и „Белингат“ се обидоа да стапат во контакт со нив и нивните претпоставени. Олег Тајкин, човек од тимот, им ја треснал вратата кога бил испрашуван од Си-Ен-Ен, додека другите не ни одговориле на повиците.

Токсиколозите консултирани од Си-Ен-Ен велат дека „новичок“, ако се нанесе во грануларна форма врз облеката, се апсорбира преку кожата кога жртвата почнува да се поти.