Наследниците на Пиноче мора да вратат на државата ограбени 16 милиони долари

Сантјаго де Чиле – Суд во Чиле одлучи дека наследниците на поранешниот чилеански диктатор Аугусто Пиноче мора да и вратат на државата 16 милиони долари што ги ограбил и ги чувал на тајни сметки во странство.
Судската постапка е покрената во 2018 година кога Советот за одбрана на чилеанската држава наложил наследниците на Пиноче да ги вратат на државата парите што диктаторот нелегално ги присвоил од средствата на претседателството на републиката, армијата и лидерската позиција во врховната воена команда.
Според шпанскиот весник „Вангардија“, тој ги чувал ограбените пари на тајни сметки во САД, на Бахамите и други места кои биле – даночен рај. Истражната комисија, исто така, утврдила дека по смртта на Пиноче во 2006 година, парите тајно биле префрлени на неговата вдовица, а потоа и на неговите наследници.
Истрагата во САД, исто така, откри дека Пиноче и неговите најблиски соработници тајно чувале милиони долари во американската банка Ригс и други банки во странство.
Клучната пресвртница се случи, пишува шпанскиот весник „Паис“, кога поткомисијата на американскиот Сенат, барајќи ги тајните финансиски текови на терористите кои ги извршија нападите врз Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во 2001 година, откри сметки без потекло и под лажни имиња во банката „Ригс“, па истрагата утврди дека станува збор за пари украдени од Пиноче.
Во 2005 година, Пиноче беше изведен пред суд за злосторства извршени за време на неговата диктатура, кога беа убиени илјадници поддржувачи на опозицијата, но тој почина во домашен притвор пред конечната пресуда.