Напад во Сиднеј: Меѓу жртвите има 12-годишно дете и преживеан од Холокаустот


Најмалку 11 лица се убиени во терористички напад на прославата на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј. Меѓу жртвите се 12-годишно девојче, рабин и преживеан од Холокаустот.

Дванаесетгодишно девојче е меѓу жртвите на ужасниот напад што се случи денес за време на прославата на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, потврди шефот на австралиската еврејска заедница, објавува „Тајмс оф Израел“.

Александар Ривчин, ко-извршен директор на Извршниот совет на австралиското еврејство, изјави за Си-Ен-Ен дека неговиот пријател „ја изгубил својата 12-годишна ќерка, која им подлегнала на повредите во болница“.

Меѓу другите идентификувани жртви се рабинот од Хабад, Ели Шлангер, и преживеаниот од Холокаустот, Алекс Клејтман. Израелските власти потврдија дека во масакрот е убиен најмалку еден израелски државјанин. Според најновите информации, најмалку 11 лица ги загубиле животите во нападот, додека десетици други се ранети.