Напад на владата на Словенија: Три сомнителни лета на израелски оперативци во Љубљана
Кои се архитектите на разузнувачко-политичката драма која има цел да влијае на исходот од изборите в недела. Оперативците на параразунавачката компанија „Блек кјуб“ му помагаат на Јанез Јанша
Словенија е потресена од скандал со тајни снимки во кои е вклучен Јанез Јанша, лидер на опозициската Словенечка демократска партија (СДС), во неделата пред парламентарните избори. Снимките од наводни деловни состаноци се објавуваат на веб-страницата „anti-corruption2026.com“, која не ги наведува своите сопственици, уредници или информации за контакт. На веб-страницата се наведува:
„Овие материјали откриваат разни случаи на ортачки капитализам, кршење на законите за лобирање, кршење на законите за финансирање на кампањи, политичко мешање во државни претпријатија, доделување договори на поврзани компании, проневера на државни средства и многу повеќе“.
На едно од снимките се појавува Доминика Шварц-Пипан, министерката за правда во сегашната влада од 2022 до 2024 година, а потоа се раскажува старата приказна, на која Јанша отсекогаш инсистирал, дека вистинските владетели на Словенија се поранешниот претседател Милан Кучан и сегашниот градоначалник на Љубљана, Зоран Јанковиќ. Заклучокот е јасен: сегашната влада на левиот центар предводена од Роберт Голоб е образец на корупција.
„Блек кјуб“
Снимките тајно ги стекнале оперативците на израелската фирма „Блек кјуб“ (Црна коцка). Љубљански институт „8 Март“ и тим на стручњаци откриле дека израелски авион три пати слетат во главниот град на Словенија и дека патниците се сретнал со Јанша. „Блек кјуб“ во 2016 година беше ангажирана на собирање на „компромитирачки“ материјал за Лаура Ковеши, тогаш шефица на романскиот Уред за борба против корупцијата.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб вчера ги откажа сите попладневни обврски и итно одлета во Брисел да го претстави случајот за наводното странско влијание на словенечките избори. Тој најави дека со европските партнери ќе се косултира за заштита на демократските процеси, јави siol.net.
Голоб нагласи дека ова е сериозно прашање кое ги надминува домашните политички рамки и бара координиран европски одговор.
„Ние не сме сами во европското семејство“, напиша тој и додаде дека Словенија заедно со своите партнери ќе бара решенија за заштита на демократијата од надворешни влијанија.
Премиерот го нагласи јасниот став на владата: „Словенија решително ќе се спротивстави на секој обид за мешање во демократските процеси“. „Јасно и решително ќе кажеме не на какво било мешање во нашата демократија“, нагласи тој.
Во среда, словенечката влада го потврди присуството на претставници на израелската разузнавачка компанија „Блек кјуб“ во Словенија, по анонимното објавување на тајни снимки што ја дестабилизираа кампањата за парламентарните избори што се одржуваат в недела.
„Претставници на компанијата ‘Блек кјуб’ беа во Словенија четири пати во последните шест месеци“, потврди државниот секретар за национална безбедност Војко Волк во соопштение, наведувајќи дека информациите се базираат на извештај од разузнавачките служби.
Во декември минатата година, „овие лица поминаа долго време на улицата ‘Трстењакова’ во Љубљана“, додаде тој.
Седиштето на партијата СДС на поранешниот премиер Јанез Јанша се наоѓа на таа улица.
„Целта на овие активности е политичка дискредитација, што може да претставува сериозна закана за националната безбедност и да влијае на демократските изборни процеси“, рече Волк.
СДС на поранешниот конзервативен премиер Јанез Јанша има мало водство во анкетите пред владејачките либерали на премиерот Роберт Голоб пред изборите на 22 март.
Голоб ѝ пишува на Фон дер Лајен
Освен што отиде итно во Брисел Роберт Голоб ја повика претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ги истражи обвинувањата дека израелската шпионска фирма „Блек Кјуб“ се мешала во изборната кампања на земјата, според писмото до кое дојде „Политико“.
„Таквото мешање од страна на странска приватна компанија претставува јасна хибридна закана против Европската унија и нејзините земји-членки, што негативно влијае или потенцијално ги загрозува нашите заеднички вредности, процедури и политички процеси“, напиша Голоб.
„Загрижувачки е што таков модел на координирано измамничко однесување од страна на странски недржавен актер повторно се случи само неколку дена пред националните парламентарни избори, со што претставува системски ризици за демократските процеси на Словенија“, додаде тој.
Во своето писмо, Голоб посочува на претходните операции спроведени од „Блек кјуб“, вклучително и во Романија и Унгарија во последната деценија, за да го истакне нејзиното континуирано мешање.

„Со оглед на континуираните, системски операции извршени од ‘Блек кјуб’ и неодамнешните пријавени операции, тие претставуваат директен предизвик за новоформираниот Европски штит за демократија“, вели Голоб. „Бидејќи Европскиот центар за демократска отпорност ја започна својата оперативна работа во февруари 2026 година, овој случај претставува критичен тест за неговиот мандат за заштита на земјите-членки од странско мешање“.
„Ја повикувам Комисијата да ги истражи извештаите и да го упати прашањето до Европскиот центар за демократска отпорност за непосредна проценка на заканите“, додаде тој.
Европскиот штит за демократија е иницијатива на ЕУ насочена кон заштита на земјите-членки од странско мешање и хибридни закани преку зајакнување на мониторингот, координацијата и брзиот одговор на дезинформациите и тајните операции за влијание.
Најозлогласен пример за активностите на „Блек кјуб“ е случајот со Харви Вајнштајн, филмски продуцент осуден за сексуални престапи, кој ја ангажирал оваа компанија да ги следи обвинителите и новинарите. Во Унгарија, „Блек кјуб“ беше вклучена во кампањите за парламентарните избори во 2018 и 2022 година. Врските на Јанша со унгарскиот премиер Виктор Орбан се добро познати.
Новинарите на весникот „Дело“ стапија во контакт Гиор Еиланд, член на советодавниот одбор на „Блек кјуб“, кој, според извештајот на неделникот „Младина“, наводно ја посетил Словенија кон крајот на минатата година и се сретнал со Јанша. Тој напиша преку WhatsApp дека клиентите на „Блек Кјуб“ се комерцијални компании, жртви на нелегални дејствија од страна на конкурентите или корупција од страна на државните органи. Според него, агенцијата не користи нелегални сајбер методи или активности на електронско разузнавање при собирање информации.
На прашањето дали тој лично или некој од агенцијата се сретнал со Јанез Јанша или други членови на СДС, тој кратко одговори: „Не коментирам за Словенија на никаков начин“.
Еиланд е пензиониран генерал-мајор во Израелските одбранбени сили со кариера што трае повеќе од 30 години. Подоцна, како шеф на Националниот совет за безбедност на Израел, тој помогна во обликувањето на клучните безбедносни политики на земјата. Во поново време, според Институтот „8 март“, тој стана познат и како „архитект на геноцид“. Еиланд (73) е еден од иницијаторите на Генералниот план, според кој околу 300.000 цивили би биле насилно преселени од северниот дел на Газа.