Наместо со митинзи кампањата почна со протести пред судот


На сличен начин како пред повеќе од две години, кога влезе во лидерскиот кабинет во „белата палата“ на ВМРО-ДПМНЕ, така и сега Христијан Мицкоски влегува во ова клучно предизборие за понатамошниот тек на неговата кариера – со излегување на улица.

Во 2017 година, Мицкоски го замени Никола Груевски на чело на  протестите што речиси секојдневно се одржуваа пред Кривичниот суд во Скопје и пред други првосудни институции поради притворањето на инволивираните во крвавите настани на 27 април во Собранието. Тој момент беше и иницијалната каписла за заминувањето на Груевски од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. Синоќа, во предвечерието  на првиот тест за новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарни избори, Мицкоски ја предводеше колоната од опозиционери кои протестираа и маршира од зградата на Jавното обвинителство до Судската палата во Скопје, под парола „Заев е виновен“.

Повод за синоќешниот протест беа „новите“ бомби за лидерот на СДСМ  што деновиве ги објавува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на кого, во периодот 2015-2016 година, му беше посветена една од „бомбите“ што ги објавуваше тогашниот опозиционер Зоран Заев. Така, и Милошоски се најде на списокот на поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои СЈО отвори предмети, иако неговиот случај е од оние за кои беа покренати истраги по 30 јуни 2017 година – рокот за кој, согласно со неодамна донесениот Закон за јавно обвинителство, снимките од прислушуваните разговори нема да може да бидат основа за покренување обвиненија.

 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата единствени не гласаа за Законот за јавно обвинителство, за кој со месеци претходно преговараа најголемите партии, а еден од главните преговарачи на политичко ниво од тимот на опозицијата беше токму Милошоски. За него, пак, СДСМ цело време приговараше дека има „судир на интереси“ затоа што е опфатен со случај на СЈО.

Членот 110 од Законот за јавно обвинителство, со кој „бомбите“ се елиминираат како основа за покренување нови обвиненија, практично, најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ, посебно во однос на случајот „Талир“, за кој единствено е покренато обвинение по 30 јуни 2017 година. Овој случај, подоцна поделен во два предмети, се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на местото на некогашната „жолта зграда“ во центарот на Скопје, како и на финансирањето на опозициската партија. Сепак, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до крај одбиваа да дадат поддршка  за Законот, чие донесување се смета и за исполнување на еден од неформалните критериуми за почеток на преговорите со ЕУ.

Најкритична точка во Законот за јавното обвинителство  е новиот концепт на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое, всушност, ги презема ингеренцииите  и на СЈО. Иако ВМРО-ДПМНЕ сето ова време изнесува критики за „Русковска-обвинителство“ и за „Кацарска-судство“, пратеникот Милошоски токму во Обвинителството за организиран криминал ги достави „бомбите за Заев“, кои одекнуваа и за време на вчерашниот опозициски протестен марш.

„Бараме покренување истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Заев, кој се меша во обвинителски и судски постапки и одлуки на Врховниот суд. Истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност“, рече Мицкоски, на „Граѓанскиот протест против неправдата“.

Ова предизборие, наместо со митинзи на плоштадите, почна со протести пред Судската палата. Пред ВМРО-ДПМНЕ, на таа локација, минатата седмица,  протестираа владејачките социјалдемократи. Маршот на СДСМ беше насловен „Чекориме за правда“ и се одржа на 17  овој месец – ден по распишувањето на изборите, така што претставуваше и своевидна „прослава“ за донесувањето на Законот за јавно обвинителство, само неколку часа пред пратениците да се самораспуштат.

Секретарот на СДСМ за меѓународна соработка  Бојан Маричиќ, синоќа, во емисија на Алсат, оцени дека маршот на ВМРО-ДПМНЕ за правда е трагикомичен. Тој направи споредба со минатонеделниот марш на социјалдемократите, забележувајќи дека опозицијата, откако сфатила дека не може да го спречи донесувањето на Законот за јавно обвинителство, сега бара начини да го компромитира процесот.

„Ние протестиравме против заробената држава од страна на правосудството, а маршот на ВМРО-ДПМНЕ е марш за амнестија. Се борат само за спас на сопствената кожа. Овој марш е за амнестија на Груевски. Ниту еднаш нивниот лидер не се дистанцираше од настаните на 27 април, уште насилниците ги викаат бранители на Уставот. Никогаш не рекоа дека овие луѓе се одговорни. ВМРО-ДПМНЕ треба да сфати дека власта не е тука за да гони, тоа го прават обвинителството и судството. Тоа е клучната разлика од тогаш до денес“, изјави Маричиќ.

Сепак, тој остави простор, по изборите СДСМ да седне повторно на маса со ВМРО-ДПМНЕ и да разговараат за спроведувањето или за евентуални измени во Законот за јавно обвинителство. (Н.В.)

Фото: Борис Грданоски