Наложена итна постапка на полицајците при кривични дела против безбедноста во сообраќајот


Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство Скопје одржало координативен состанок со полициските служби од СВР Скопје на кои им се издадени конкретни насоки за поефикасно постапување во ситуации кога е загрозена безбедноста во сообраќајот.

Целта е, како што информираа денеска од ОЈО Скопје, да се овозможи поефикасен кривичен прогон на сторителите на овие дела и да се делува превентивно против зачестеното безобразно управуавње со моторни возила. 

– Насоките налагаат задолжително итно постапување во ситуации кога при сообраќајна несреќа кај возачот/возачите е констатирано управување со возило без возачка дозвола (воопшто не е издадена), поминување на вклучено црвено светло на семафор, очигледна прекумерна брзина, состојба на пијанство, возење во спротивна насока, како и преминување на двојна полна линија. Итна постапка ќе се води и во ситуации каде возачот го напуштил местото на несреќата и не укажал помош на повредени пешаци или други лица. Итното постапување на полициските служби во вакви ситуации ќе му овозможи на јавниот обвинител да изврши проценка дали и со какви мерки треба да го обезбеди сторителот во текот на кривичната постапка и да ги заштити граѓаните од евентуално повторување на неговите дејствија, појаснуваат од ОЈО Скопје.

Како доказ во прилог на кривичните пријави за ваквите дела задолжително треба до Јавното обвинителство да се доставува и целосната прекршочна и кривична евиденција за осомничениот. Кривичните пријави треба да содржат и колку што е можно попрецизни, детални и точни податоци за сведоците, а треба да се обезбедуваат и да се фотодокументираат сообраќајните знаци кои се во важност на локацијата каде се случила сообраќајната несреќа.

Во поглед на итноста и построгото казнување особено да се има предвид дали лицата се повеќе пати застанувани и казнувани за исти прекршоци, велат од ОЈО Скопје.

– Со овие насоки, дадени во рамките на раководната улога на јавниот обвинител во предистражната постапка, се прецизираат дел од веќе постојните дејствија на службите за обезбедување докази за кривични дела против безбедноста во сообраќајот, велат од ОЈО Скопје.