Најжешката декада досега – Македонија и Бугарија со 80 отсто помалку врнежи


Секоја последователна декада од осумдесеттите години на минатиот век ја надминува претходната во рушење на рекордот како најжешките десет години од индустриската револуција па наваму. Новиот извештај за Состојба на климата за 2019-та година дава мрачна слика на сè позатоплена планета, задушена од зголемените емисии на стакленички гасови.

 

Секое лето, Агенцијата за Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА) на САД го објавува извештајот Состојба на климата; рецензирано резиме за глобалната клима напишано од над 500 експерти од 61 земја. Деталната публикација користи податоци од станици за следење на животната средина и инструменти лоцирани наоколу планетата на копно, вода, мраз, па дури и во вселената.

 

Бидејќи крајот на 2019-та година заокружи уште една деценија, се покажа дека периодот од 2010-та до 2019-та година е за 0,2℃ потопол од декадата помеѓу 2000-та до 2009-та година, која пак беше потопла од предходната декада, 1990 – 1999-та година.

 

Месец јули 2019-та година беше исто така најжешкиот месец досега измерен на планетата. Виетнам, Холандија, Белгија, Луксембург, Франција и Велика Британија доживеаја највисоки дневни температури во историјата. Рекордна топлина се почувствува и во земји како Естонија, Белорусија, Романија, Украина, Молдавија, Полска, Летонија, Литванија и Унгарија.

 

Последиците од затоплувањето кое се чувствува низ целиот свет, беа многубројни. Веројатно најзначајни беа катастрофалните пожари во Австралија и пожарите во дождовните шуми на Амазонија во Боливија, Бразил, Перу и Парагвај, информации за кои можевме да ги слушнеме на вестите од светот. Пожари кои уништија милиони хектари земја, уништија голем број на домородни заедници, убија милиони дрвја и див свет (со извесно известување за изумирање на локални видови), а опстојуваа со месеци наназад и делумно беа резултат на сувите топлотни бранови и рекордната суша во текот на изминатата година.

 

Европа доживеа екстремни суши и топлотни бранови особено во јули 2019-та, кои предизвкаа смрт кај илјадници луѓе ширум континентот, особено кај постарите и кај оние со хронични заболувања, а предизвикаа и хаос во повеќе економски системи поради неуспехот на земјоделските култури и проблемите со навигацијата на поголемите реки.

 

Балканот во 2019-та година

 

Состојбата не беше подобра ниту на Балканот. 2019-та беше најтоплата година што е забележана за Србија и втора најтопла година за Словенија, додека полуостровот доживеа потопла пролет од вообичаеното со ненадеен некарактеристичен студ кон крајот на сезоната. Летото беше 2 степени потопло и беше проследено со екстремно топла есен.

 

Хрватска и Словенија објавија скоро двојно поголема количина на дожд од вообичаеното во мај 2019-та, што го прави мај највлажниот месец досега за Словенија. Од друга страна, Македонија и Бугарија ја завршија годината со многу сув декември, со дури до 80% помалку врнежи од вообичаено во некои области.

 

Додека Албанија закрепнуваше од големиот земјотрес во септември, грмотевиците и изобилните дождови предизвикаа поплавување во некои од погодените области, што ја направи веќе тешката состојба многу полоша.

 

„Глобалното затоплување и климатските промени продолжуваат“

 

Рекордно високите температури и последователните климатски настани, како што се сушите и топлотните бранови, несомнено неразделно се поврзани со климатската криза предизвикана од човечки фактор. Податоците засновани на современи инструментални записи, но исто така и од записи на ледено јадро кои датираат од пред 800 000 години, покажуваат дека концентрацијата на стакленички гасови има достигнато нови рекорди во 2019 година . Д-р Џесика Блунден, една од авторките на извештајот, за The Climate Herald изјави:

 

„Комбинација од многу различни климатски индикатори од целиот свет ни кажува дека глобалното затоплување и климатските промени продолжуваат, со рекордно високи концентрации на стакленички гасови, рекордно високо ниво на морињата и скоро рекордно високи глобални температури, заедно со регионална и локализирана рекордна топлина во многу области. Во поларните региони, и Арктикот и Антарктикот беа скоро рекордно затоплени. Таа топлина придонесува за интензивирано топење и на глечерите и на морскиот мраз. Екстремните горештини се случуваат почесто во споредба со екстремните студени настани“.

 

Со зимата 2019-2020-та година како најтопла во Европа и ефектите од пандемијата КОВИД-19 кои треба да бидат целосно анализирани, извештајот за Состојбата на климата во 2020-та година несомнено ќе раскаже многу приказни.

 

„Врз основа на она што го видовме досега оваа година, мислам дека ќе очекуваме 2020-та година да биде уште една рекордна или скоро рекордно-топла година. Интересно е што и 2020 година (и 2019 година) се исклучително топли во споредба со предходно измерени највисоки температури, дури и без феноменот Ел Нињо, што обично предизвикува мало зголемување на глобалните температури. Она што ќе биде многу интересно е да се види дали и како COVID-19 има ефект врз емисиите на стакленички гасови и другите индикатори за климатски промени. Верувам дека некои од овие влијанија, доколку ги има, ќе бидат забележителни со текот на времето, веројатно нема да бидат забележливи веднаш“.

Д-р Џесика Бланден

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.