„Најскапиот часовник што сум го поправал чини 15.000 евра“


Часовници сега се купуваат повеќе како моден детаљ, а не за покажување на времето, вели Сашо Милев

Сашо Милев е последниот часовничар во Штип. Тој вели дека работа има и дека мобилните телефони не ги елиминираа часовниците. Проблемот е што нема млади заинтересирани за овој занает

 

Иван Бојаџиски

ШТИП – Во старата штипска чаршија, во единствениот часовникарски дуќан во градот, Сашо Милев – Манци им дава нов живот на рачните и секаков вид други часовници. Како најпрецизен хирург тој ги отстранува болните места (расипаните делови), вградува нови и им дава нов живот на едни од најстарите познати мерачи на време.

Ако со појавата на мобилните телефони се говореше дека времето на часовниците е поминато, искуството на Сашо го кажува спротивното. По краткото затишје дојде новата ера на масовно купување часовници, рачни пред сѐ, што посебно го израдува единствениот мајстор во градот.

„Она што сакам да го потенцирам е фактот дека занаетот го учев од прекрасниот мајстор и голем човек Стојан Савев, кај кого бев чирак шест години. Во 1991 година решив да отворам свој дуќан во Стара чаршија и оттогаш до денес сум во него. Дуќанот е познат под името ‘Манци’, што е мој прекар од раната младост“, вели Сашо Милев.

Часовниците денес, според Манци, не се купуваат само поради контрола на времето. Предимство на нив им се дава како на моден детаљ. Тука најмногу предничат девојчињата. Сашо вели дека сѐ поголем е бројот на девојки кои купуваат по повеќе рачни часовници, а се во согласност со гардеробата која ја имаат. И младите момчиња го прават тој ритуал, купуваат часовници, а сѐ што работи еден ден и се расипува, па така има работа и за мајстор Сашо.

За разлика од рачните часовници кои последниве години одново се во мода, будилниците како да заминале во заборав. Нашиот соговорник вели дека само еден процент од работата кај него отпаѓа на будилници. „Едно време немаше семејство без будилник за да не задоцнат за работа, а денес за таа потреба си ги користат мобилните“, коментира Сашо.

Тој вели дека од оваа работа богат не се станува, но има за спокоен живот. Проблем, според него, е тоа што нема млади луѓе кои би сакале да се посветат на занаетите, согласно тоа и на часовникарството. Се плаши дека кога еден ден ќе замине во пензија ќе нема кој на штипјани, но и на луѓето од регионот, да им ги поправа часовниците кои, според него, никогаш нема да изумрат без оглед на тоа какви нови технологии и во оваа област ќе има

„Мојата мајка потекнува од Берово, детството го поминав во Малешевијата и некако тој крај, заедно со Штип, ми е при срце. Затоа имам муштерии и од Берово и Пехчево, но и од другите места во регионот зашто, барем мене така ми се чини, други часовничари во регионот нема. Она што сакакам да го потенцирам е фактот дека мојот дуќан е и место за муабети, за отворање на душата, за животот воопшто. На муштериите кои ќе сакат да наметнат политика им велам може да се разговара за се само за политика – не. И тие тоа го почитуваат. Затоа муабетите најмногу се вртат околу градот, неговата уреденост, спортот… Муштерии кои доаѓаат од други места му завидуваат на Штип. Велат дека само Штип во регионот функционира како град, урбано, културно, образовно но и стопански… Дали тоа е баш така, тие тоа си го знаат“, појаснува Сашо Милев.

Интересен е податокот кој Милев ни го изнесе во однос на вредноста на чсовниците кои тој ги поправал.

„Најскапиот часовник кој сум го држел в раце и сум го поправил беше часовник на бизнисмен кој чинеше 15.000 евра. Имало поголем број часовници на кои сум им давал нов живот а вределе од 500 до илјада евра, а најмногу се оние поевтините. Имам проблем што тешко се наоѓаат делови за часовниците, но некако се снаоѓам“, вели Милев.