Најмалку седуммина загинати при превртување комбе во близина на Минхен, возачот бегал од полициска потера


Најмалку седум лица загинаа, а десетици се повредени, од кои некои потешко, кога маж за кој се сомнева дека е шверцер на мигранти изгубил контрола над своето комбе додека се обидувал да побегне од полициска потера, соопшти денеска германската полиција.

Во соопштението се вели дека несреќата се случила на автопатот А94 источно од Минхен, откако возачот на комбето почнал да забрзува по полициската потера, поради што возилото се превртело неколку пати.

Во комбето имало околу 20 мигранти, меѓу кои и деца, соопшти полицијата.

Германските власти минатиот месец воведоа нови гранични контроли со Полска и Чешка.

Во Германија бројот на барања за азил е зголемен за 78 отсто во првите седум месеци од оваа година, покажуваат официјалните податоци.

Германската граница во август илегално ја преминале 14.701 мигрант, што е за 66 отсто повеќе во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на полицијата.