Најголемото индијанско племе во САД против НАСА за испраќањето човечки останки на Месечината


Фото: Б. Грданоски

Соединетите Држави наскоро ќе го лансираат своето прво вселенско летало за обид за меко слетување на Месечината по Аполо, во историска соработка со приватниот сектор која не беше добро прифатена од сите.

Народот Навахо, најголемото домородно племе во Америка, изрази загриженост поради присуството на кремирани човечки останки на леталото, нарекувајќи ја мисијата „сквернавење“ на Месечината, која има свето место во нивната култура.

Лендерот Peregrine на Astrobotic треба да биде лансиран на 8 јануари со ракета на United Launch Alliance, со што ќе го направи своето прво патување како дел од комерцијалното партнерство на НАСА за да заштеди пари на американската вселенска агенција.

Приватни компании ќе префрлаат пратки со човечки останки на Месечината

Научните инструменти на Peregrine ќе го испитуваат зрачењето на површината на Месечината, помагајќи ѝ на НАСА подобро да се подготви за мисии со екипаж што ќе бидат испратени таму подоцна оваа деценија како дел од програмата Артемис.

Приватната компанија ќе пренесе и пратки од две други приватни компании кои вклучуваат кремирани останки и ДНК за да останат засекогаш на Месечината, но внатре во лендерот.

Компанијата Celestis објави 69 индивидуални останки во својата пратка, вклучувајќи го и починатиот креатор на Star Trek Џин Роденбери, писателот на научна фантастика Артур Кларк и куче по име Индика-Нудл Фабиано.

Клиентите плаќале цени почнувајќи од 12.995 долари за испорака, според веб-страницата на компанијата.

Водачот на племето Навахо: Месечината има свето место во многу домородни култури

Во писмото од 21 декември до претставниците на НАСА и Министерството за транспорт, водачот на Навахо нацијата Буу Нигрен изрази „длабока загриженост и разочарување за прашање од најголема важност“ и ја повика НАСА да го одложи лансирањето.

„Месечината има свето место во многу домородни култури, вклучувајќи ја и нашата“, напиша Нигрен.

НАСА се извини и вети дека ќе се консултира со домородните Американци во иднина, се вели во извештајот на весникот „Спокејн“.

НАСА: Ја сфаќаме загриженоста на народот Навахо многу, многу сериозно

Администраторот за истражување на НАСА, Џоел Кернс, во четвртокот изјави дека меѓувладин тим договорил средба со народот Навахо, но нагласи дека агенцијата нема контрола врз товарот на нејзиниот приватен партнер.

„Ние ја сфаќаме загриженоста на народот Навахо многу, многу сериозно и мислиме дека ќе продолжиме да разговараме“, изјави Кернс за новинарите.

Селестис рече дека го почитува правото на сите култури, но „ниту една култура или религија не треба да стави вето на вселенските мисии од религиозни причини“.

Негирајќи дека мисијата ја „извалка Месечината“, компанијата нагласи дека кремираните останки ќе останат во лендерот.