Екстремните жештини летово одзеле повеќе од 50.000 животи, економијата со загуби од 113 милијарди евра
Според најновите научни истражувања, повеќе од 50.000 луѓе починале во Европа во летото 2026 година поради екстремна топлина. Тоа беше најсмртоносното лето во однос на смртните случаи поврзани со високи температури на воздухот од почетокот на 21 век, додека европската економија претрпе загуби од 113 милијарди евра.
Според резултатите од истражувањето објавено од научници од Империјал колеџ во Лондон и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, се проценува дека 50.391 смртни случаи се регистрирани во текот на јуни, јули и август. Анализата вклучувала 854 европски градови, кои се дом на приближно 40 проценти од населението на проучуваните земји.
Како што објави Политико и други западни медиуми, научниците откриле дека бројот на смртни случаи е за 71 процент поголем отколку во 2022 година, што беше најсмртоносната година досега. Таа година, се проценува дека 29.480 смртни случаи биле поврзани со високите температури во истите градови.
Истражувачите проценуваат дека 32.619 од вкупниот број смртни случаи биле поврзани со дополнително затоплување предизвикано од човековите активности. Тоа значи дека приближно две третини од проценетиот број на смртни случаи може да се припишат на климатските промени.
Најголем број смртни случаи е регистриран во Италија, каде што научниците проценуваат дека околу 13.300 луѓе починале поради високите температури. Потоа следуваат Франција со приближно 7.300, Шпанија со 6.800, Германија со 6.300 и Обединетото Кралство со околу 4.400 смртни случаи. Според проценката на германската осигурителна компанија „Алијанц“, објавена од германските медиуми, загубите за европската економија поради високите температури во 2026 година достигнаа приближно 113 милијарди евра. Најголема економска штета претрпе Италија, со проценети загуби од 28 милијарди евра, додека во Германија загубите изнесуваа околу 25 милијарди. Франција претрпе штета од приближно 20 милијарди евра.