Најголема ѕвезда, тоа е Калиопи: Магична вечер покрај камин во Филхармонија


Калиопи, поп дивата, со глас и става, позитивна енергија и многу љубов, синоќа, на првиот од трите закажани акустични концерти во Филхармонија, ни ги стопли душите и срцата, во претпразничен магичен амбиент, кој ветуваше незаборавна вечер. Изненадувањето за публиката беше сцената која го симболизираше нејзиниот дом, со послан ќилим, свеќи и запален камин во овие свежи скопски вечери.

Фото: Самандов

А ние, како внимателни гости, „ѝ дојдовме“ дома со букети со цвеќе, чоколадни бомбони и по некое мече . Сите концерти на Калиопи со моќни и волшебни, ама синоќа, концертот, по концепт, беше поинаков од другите со поразличен репертоар, и на крај цела сала беше на нозе, со ѕвездено небо и бис со легендарната песна „Бато“.

На сцената два часа, со помош на бендот, гудачкиот квартет и придружните вокали Маја и Јулија, со перфектен звук и светлосни ефекти, се редеа стари и нови незаборавни хитови, балади, брзи песни, но и еден дел замислен како музички времеплов со хитови од Скопскиот фестивал во 70-тите, на кои поп-ѕвездата им се дивела додела ги слушала.

Фото: Самандов

Песните на Сашка Петковска, Драган Мијалковски, „Македонија“… Калиопи, синоќа за прв пат, ја почести публиката и со досега неизведената прва верзија на песната „Казна“ на Ромео Грил која требала да биде изведена место „Дона“ на Евросонг во 2016, во Стокхолм, Шведска, а потоа преработена како дует со Слаткар. Изгледаше прекрасно, како дама, во кадифен миди фустан и софистициран накит.

Фото: Самандов

Калиопи е дефинитивно нашата најголема ѕвезда, со најубавите хитови на македонски и на српски јазик, кои одново и одново сакаме да ги слушаме и никогаш не ни здосадуваат, туку, напротив, со годините, се повеќе не допираат до дното на срцето, и во нив си го препознаваме животот кој лета со неверојатна брзина.

А нејзиното музичко предновогодишно патешествие во Скопје, штотуку почна. Ова беше прво загревање пред концертите на 6 и 7 декември, сите во организација на „Прагма“. 

Л. Сабит

Фото: Самандов

Фото: Самандов