Најдоцна до септември ќе се отвори регионалниот Ургентен центар во штипската Клиничка болница
Регионалниот ургентен центар во Клиничка болница-Штип треба да се отвори најдоцна до септември, а овој центар ќе пружи итна медицинска помош на пациентите со животозагрозувачки состојби од Источниот и Југоисточниот регион. Заменик директорот на Клиничка болница-Штип, Билјана Ефтимова вели дека постапката за негово формирање е веќе започната, а во наредниот период ќе се преадаптираат просториите на сегашната дежурна амбуланта.
Центарот ќе работи 24 часа дневно, седум дена во неделата и ќе ги покрива сите итни состојби кај децата и возрасните пациенти.
– Ќе биде хируршки и интернистички ургентен центар за сите пациенти од Источниот и Југоисточниот регион, а кои ќе доаѓаат како ургентни пациенти. Овде првично ќе бидат сместени за да се дијагностицираат, а потоа да се третираат, каде што е потребно-вели Ефтимова.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев вели идејата за негово формирање постои неколку години, но се одложуваше поради недостиг на медицински кадар и соодветни простории.
– Модуларната веќе функционира за „Мој термин“, така што напливот на пациенти што беше на приемно одделение е помал. Тие амбулантни што се за ендокринологија и за подигање на инсулин веќе се во модуларната болница. Физичка подготовка е веќе направена и сега има услови да се формира ургентниот центар-вели Захариев.
Инаку, за да се намали недостигот од медицински кадар, минатиот месец беа распишани огласи за вработување на 25 лица.