Најчитаните текстови во 2020 на „НЕЗАВИСЕН“
Не е тешко да се направи оценка на 2020 година – тоа беше година на корона вирусот. На заклучување, карантини, десетици илјади болни, многу починати, девастирана економија, загубен социјален живот, седење дома и надеж да се преживее чумата од 2020 година. Во март Македонија, како и најголемиот дел од светот, а речиси целосно во Европа, влезе во една дистописка реалност, со полициски часови, празни улици, деца кои не одат на училиште, работници кои губат работни места, болници кои се преоптоварени, медицински лица кои се на работ на издржливоста по девет месеци работа под исклучителен стрес кога од нив се бараше да работат најпрофесионално и најпредано што може. Со една основна цел – да спасат што е можно повеќе животи.
Во прегледот на најчитаните текстови во 2020 година на „Независен“ се гледа токму тоа – загриженоста на луѓето од пандемијата и помошта што треба да стигне од државата за да може да се преживее.
———————————————————————————————————————————————–
15. Ѓорѓе Давид: Во Македонија и во јужна Србија се фотографирав со над 500 луѓе
Српскиот пејач Ѓорѓе Давид, кој во Македонија дојде во март веднаш по избувнувањето на пандемијата од корона вирусот, а потоа објави дека е заболен од Ковид-19, во видео порака објави дека се сликал со стотици луѓе и го поттикна стравот.
———————————————————————————————————————————————–
14. Заев: Бројките на новозаболени се директна последица од неработењето на Чулев
Пржинската влада комплицирано функционираше. Особено соработката меѓу министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и другите министри од коалицијата на СДСМ и ДУИ. Чулев сега падна во заборав.
———————————————————————————————————————————————–
13. Што им кажал бугарскиот амбасадор на колегите во ЕУ: „Софија има голем проблем со Скопје“
Три барања испорача Бугарија на состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел на 6 ноември. Уште тогаш веќе се знаеше дека бугарското вето за преговарачката рамка со Македонија ќе биде сосема извесно како што и се случи.
———————————————————————————————————————————————–
Нашата уредничка Слободанка Јовановска го коментираше усвојувањето на резолуцијата на Европскиот парламент, во која не само што беше кренат аларм за тревога поради растечката корупција во Бугарија, туку во неа се побара Софија да ги почитува правата на македонското малцинство.
———————————————————————————————————————————————–
Третиот сет мерки на техничката влада за борба со последиците од пандемијата донесоа олеснување во мрачните денови кај граѓаните и претприемачите. Беа одобрени 355 милиони евра за 730 илјади корисници за да се стимулира растот и потрошувачката. Тогаш не се знаеше дека доаѓаат уште потешки денови.
———————————————————————————————————————————————–
10. За пензионерите со пензија до 15.000 денари картичка од 9.000 денари, за стечајците по 12.000
Секој пензионер со пензија до 15.000 денари ќе добие домашна платежна картичка од 9.000 денари, секој стечаен работник 12.000 денари за купување домашни производи, изјави на предизборна трибина во Чаир премиерот Оливер Спасовски.
———————————————————————————————————————————————–
9. Имало ли „крт“ во ДИК кој ги манипулирал резултатите?
Паѓањето на веб-сајтот на Државната изборна комисија ноќта на изборите предизвика голем гнев во јавноста. Многумина се сомневаа дали со тоа може да се наруши или наштелува изборниот резултат.
———————————————————————————————————————————————–
8. Како ќе изгледа East Gate Mall, еден од најголемите во регионот
Новиот East Gate Mall, што се гради во Скопје на локацијата на некогашниот Скопски саем, ќе ја промени сликата за продажбата на мало, а македонската метропола ќе добие нов препознатлив белег. Vодечките банкари во земјава, но и банкари од странство со потпишување на синдицаран заем во износ од 72 милиони евра, овозможија да се затвори финансиската конструкција за трговскиот центар.
———————————————————————————————————————————————–
7. Ана Брнабиќ најави дека Србија утре ќе воведе рестриктивни мерки во повеќе градови
Откако во јуни во Србија се случи вистинска експлозија на епидемијата на Ковид-19 откако помина првиот бран владата најави нови рестриктивни мерки. Српските граѓани се опуштија, помислија дека епидемијата помина.
———————————————————————————————————————————————–
6. Мајката и синот Давитковски ги продадоа сите акции во „Скопски пазар“
„Скопски пазар“, некогаш многу моќна компанија, претрпе промени во сопственичката структура. Двајца меѓу петте најголеми акционери во компанијата ги продадоа сите акции. Тодорка Давитковска и Сашо Давитковски, кои заедно поседуваа вкупно 22 отсто од капиталот на „Скопски пазар“, ги продадоа за 1,758 милиони евра.
———————————————————————————————————————————————–
5. Еве што се појави на time.mk
Ноќта по изборите и деновите по нив не беше нападната само страницата на ДИК, туку и најголемиот агрегатор на вести во Македонија time.mk. Сајтот на агрегаторот беше хакиран од непознати сторители.
———————————————————————————————————————————————–
4. Неделава почнува издавањето на домашната платежна картичка за над 324 илјади граѓани
Огромен дел од луѓето ги чекаа платежните картички. На 10 јуни министерката за финансии, Нина Ангеловска, објави дека 324 илјади граѓани почнувајќи до 18 јули ќе ја добијат домашната платежна картичка со паричен износ кој ќе може да го искористат за купување на домашни производи до 15 август.
———————————————————————————————————————————————–
3. Руската војска пристигнува во помош на Италија
Почетокот на пандемијата беше мегдан за пропагандна пресметка. Сликите од болниците во Бергамо во Италија беа зашеметувачки. Рускиот претседател Владимир Путин по разговорот со италијанскиот премиер Џузепе Конте објави дека руската војска ќе испрати медицинска помош во Италија.
———————————————————————————————————————————————–
2. Ваучери за туризам ќе добијат 117.122 граѓани, платформата „Дома си е дома“ активна од денес
Помош за да се оди на одмор беше објавена на 13 јуни – 117.122 граѓани имаа можност да добијат ваучери за туризам на нивните електронски адреси со што почна да се реализира мерката за развој на домашниот туризам. За оваа мерка беа предвидени 10 милиони евра.
———————————————————————————————————————————————–
1. Објавено како ќе се подигаат платежните картички со државна помош
И најчитаниот текст беше поврзан со справувањето со последиците од корона кризата. Корисниците на платежните картички од третиот владин сет на економски мерки своите 9.000, односно 3.000 денари ги добија на посебните сметки до 3 јули и мораа да ги потрошат до 31 истиот месец. Текстот беше прочитан 69.116 пати.