Ана Брнабиќ најави дека Србија утре ќе воведе рестриктивни мерки во повеќе градови


Српската премиерка Ана Брнабиќ вечерва рече дека утре „веројатно“ ќе бидат воведени рестриктивни мерки во повеќе градови, слично на оние што ги воведоа некои локални самоуправи во изминатите неколку дена како резултат на експлозијата на Ковид-19.

Таа на ТВ Пинк рече дека утре во 10 часот ќе се одржи состанок на Кризниот штаб за сузбивање на Ковид-19 и дека нема да бидат воведени целосни забрани за движење или собирање, како во време на вонредната состојба.

Брнабиќ потсети дека засега се воведени разни вонредни состојби во Нови Пазар, Крагуевац, Ужице и Врање.

Според неа, мерките ќе бидат во сила на одредени места, а не на целата територија на Србија.

„Белград сигурно, затоа што во него има најмногу заразени луѓе, не по глава на жител ами вкупно, но повторно две третини од сите заразени се во Белград. Тоа е претежно помладата популација, така што ќе разгледаме како да таргетираме мерки и да го решиме тој проблем во тој момент“.

Таа изјави дека работата на ноќните клубови ќе биде „сигурно“ забранета и дека ќе се разгледа и забраната или ограничувањето на работата на рестораните.

Таа рече дека „размислувала за тоа што е паметно (во сегашната ситуација)“ и дека е „очигледно“ дека короната ќе биде присутна сè додека не се развие вакцината против Ковид-19.

„До тогаш, треба да живеете… И тие клубови и тие ресторани се економија, која го исполнува буџетот од кој се плаќаат пензиите“, рече Брнабиќ.

Премиерката наведе дека засега нема нови случаи во владата на Србија, дека „короната е ризик кој професијата политичар го носи со себе“ и дека таа се тестирала претходно кога се испоставило дека личноста со која била во контакт е позитивна на короната. (Бета)