Што им кажал бугарскиот амбасадор на колегите во ЕУ: „Софија има голем проблем со Скопје“

Бугарија тврди дека Европската комисија е „необјективна“ и бара и земјите членки да го оценувале напредокот на кандидатите за членство

Бугарскиот амбасадор Димитар Цанчев не можел да се изначуди зошто имало „импресивна солидарност“ на Европската комисија со една земја-кандидат и дека тоа е „без преседан и прави лоша услуга“

 

Три клучни барања испорачала денеска Бугарија на состанокот на амбасадорите на ЕУ во Брисел кога се договарала преговарачката рамка со Македонија: Добрососедските односи треба да бидат критериум за членство на Северна Македонија во Европската унија, да се користи официјалното уставно име на Република Северна Македонија наместо кратката Северна Македонија и бидејќи не го признава македонскиот јазик Софија е против тој да биде регистриран како официјален јазик во Европската унија (јазичната формулација да биде „официјален јазик“ на земјата кандидат, а не „македонски јазик“).

На денешниот состанок Бугарија не ја одобри преговарачката рамка за Македонија. До состанокот на министрите на 17 ноември (одложен за една недела поради карантинот на германскиот министер за Европа Михаел Рот по контактот со бугарскиот заменик-министер за надворешни работи), останува уште малку време и како што сега стојат работите Софија нема намера да отстапи од својата позиција и покрај сите настојувања на германското претседателство

Во петокот, состанокот беше одложен за една недела – за 17 ноември, бидејќи се изолираше германскиот министер за европски прашања Михаел Рот. Тој беше во контакт со заразениот со коронавирус бугарскиот заменик министер за надворешни работи Петко Доjков.

Бугарските размислувања беа презентирани од амбасадорот Димитар Цанчев и тие бил речиси исти со она што им го соопштил на колегите амбасадори на крајот на октомври, но тие наводно не биле земени предвид.

Бугарскиот дигитален весник „Медиапул“ пренесува делови од она што им го кажал Цанчев на колегите на состанокот на КОРЕПЕР 2, добиени од дипломатски извори, но тие не биле земени во предвид.

Цанчев забележал дека Скопје ефективно ги блокирало преговорите со неговата земја и поради тоа на сите им било јасно оти Бугарија ќе го запре нејзиниот сосед на патот кон ЕУ.

Според него, импресивната солидарност на Европската комисија со земја-кандидат е „без преседан и прави лоша услуга“.

„Имаме голем проблем. Тој е многу сериозен. Ова не е некоја банална полемика околу историјата што може да им се остави на историчарите“, рече Димитар Цанчев

Еве што пишува „Медиапул“ за излагањето на амбасадорот Цанчев:

„’Овој пристап на ЕК и нереално позитивните оценки дадени од нејзините експерти за добрососедски односи само ја потенцираат валидноста на нашето барање да имаме посебно преговарачко поглавје, така што земјите-членки ќе имаат глас во изготвувањето на овие оценки, поради необјективноста на Европската комисија’, истакна Цанчев во своето обраќање.

Тој им рече на дипломатите во Брисел дека нема ‘сигурни гаранции’ во рамките на преговорите дека Скопје ќе се откаже од антибугарската основа на својата национална доктрина.

‘Имаме голем проблем. Тој е многу сериозен. Ова не е некоја банална полемика околу историјата што може да им се остави на историчарите’, рече Димитар Цанчев.

Тој потсетил дека Скопје ја фалсификувал историјата на штета на соседните земји кои спаѓаат во географската област на Македонија за да го аргументираат новосоздадениот идентитет и претензии кон соседните земји.

Според Софија, прогласувањето на еден од локалните бугарски јазици како ‘македонски’ е суштинска алатка во оваа политика.

Што сака Бугарија?

Откако ги објасни бугарските размислувања, Цанчев ги презентираше и аргументираше нашите барања за рамката за преговори.

На прво место, Софија инсистира да се воспостави посебна глава 35, користејќи го преседанот со рамката за преговори за Србија и добрососедските односи да се следат како хоризонтален критериум за членство во текот на целиот процес на преговори.

Според бугарскиот амбасадор, ова е потребно затоа што Скопје има практика да не ги исполнува билатералните договори откако ќе ги постигне своите цели.

Цанчев потсетил дека Северна Македонија постепено престана да ја спроведува декларацијата на двајцата премиери од 1999 година, а под владата на Никола Груевски директно се сомневаше во нејзината обврзувачка природа.

Ова е повторено во Договорот за соседство во 2017 година.

‘По потпишувањето на Договорот од Преспа и по заклучоците на Советот за општи работи донесени во јуни 2018 година во рамките на ротирачкото претседателство на Бугарија со Советот на ЕУ, отворајќи го патот на Република Северна Македонија кон членство во ЕУ, имплементирањето на Договорот за добрососедство постепено почна да слабее’, рече Цанчев.

Пред една година, Скопје исто така ги повлече своите учесници од мешовитата комисија за историски прашања, чие формирање беше една од важните клаузули на договорот од 2017 година.

Покрај тоа, Бугарија инсистира на употреба на официјалното уставно име на Република Северна Македонија во рамките на преговорите.

Скопје го избра краткото име Северна Македонија и настојува тоа да се користи во меѓународните односи. Сепак, ова кратко име е исто така име на истоимениот географски регион, кој вклучува делови од територијата на Бугарија.

Бугарија инсистира Скопје да каже јасно во ОН дека краткото име на земјата се однесува само на државно-политичкиот субјект Република Северна Македонија, а не на истоимената географска област.

Повеќе од година и пол, сепак, Скопје избегнуваше да го стори тоа. Досега, ова беше направено само зад затворени врати во НАТО.

Засега, Скопје размислува дали може да даде таква изјава само во врска со ЕУ, но не и во ОН.

Јазикот

Бугарија инсистира на тоа дека терминот ‘официјален јазик’ на земјата-кандидат, кој веќе се користи во рамките на Црна Гора, да се користи во рамката на преговорите. Ова ќе ги земе предвид меѓународните правни обврски што Бугарија и Република Северна Македонија ги презедоа во договорот од 2017 година, во кој се зборува за ‘официјалните јазици’ на двете земји.

‘Употребата на терминот македонски јазик за нас е неприфатлива бидејќи создавањето на овој јазик е врз основа на еден од бугарските дијалекти и е еден од основните инструменти за претворање на Бугарите од Вардарска Македонија во Македонци’, објасни Цанчев.

Амбасадорот Цанчев го покрена прашањето дека службите на ЕК извршиле истражување за меѓународно признавање на македонскиот јазик и откриле дека тоа било спомнато на неформална конференција под покровителство на ООН за географските ознаки од 1977 година, која нема обврзувачки карактер.

‘Се надевам дека претставниците на ЕК во своето истражување забележаа дека ова е веројатно единствениот случај во историјата на лингвистиката кога е познат точниот датум на раѓање на некој јазик – денот на кој со декрет на владата еден бугарски дијалект е прогласен за македонски јазик’, посочи бугарскиот дипломат.

Тој ги праша неговите колеги дали слични јазични студии биле извршени од страна на ЕК за време на пристапот на Австрија во ЕУ, во врска со можното постоење на австриски јазик одделен од германскиот. И дали Комисијата има намера да спроведе слични студии за можно постоење на валонски јазик различен од францускиот и фламански јазик, различен од холандскиот.

Тој, исто така, потсети дека во Република Северна Македонија постои втор службен јазик – албанскиот, на кој се преведува целото домашно законодавство. Во преговарачката рамка, јазикот на земјата-кандидат е спомнат во врска со нејзината обврска да го преведе европското законодавство на него, така што ќе биде достапен за нејзините граѓани.

„Скопје се повлече од билатералната комисија за историски прашања под изговор дека има техничка влада. Во исто време, техничкиот министер за надворешни работи Никола Димитров, без страв од корона вирусот, ги обиколи европските метрополи за да се жали на лошите Бугари“, објасни Цанчев

‘Дали сакаме Албанците во Република Северна Македонија да имаат пристап на нивниот мајчин јазик, исто така официјален во земјата, да имаат пристап до ова законодавство или веруваме дека оваа обврска на земјата-кандидат се однесува само на нејзиното население со словенски јазик?’ запрашал тој.

Цанчев истакна дека Скопје постојано одбива да се занимава со какви било билатерални напори насочени кон изнаоѓање решение за отворените проблеми.

‘Очигледно воодушевено од шепотењата во увото што ги добива однадвор, Скопје е убедено дека нема потреба да се прави тоа, затоа што Бугарија ќе биде притисната и ќе потклекне. Сепак, Бугарија нема да потклекне. Скопје се повлече од билатералната комисија за историски прашања под изговор дека има техничка влада. Во исто време, техничкиот министер за надворешни работи Никола Димитров, без страв од корона вирусот, ги обиколи европските метрополи за да се жали на лошите Бугари’, објасни Цанчев.

Според него, ниту едно од овие тврдења не е точно.

Бугарија не го негира правото на граѓаните на РСМ да се самоидентификуваат како што сакаат. Ниту, пак, го негира нивното право да го користат нивниот службен јазик.

Бугарскиот услов е да се признаат објективните факти поврзани со заедничката историја и процесите што доведоа до појава на овој нов идентитет и создавање на овој јазик врз бугарска основа.

‘Не можеме да дозволиме да се фалсификува бугарската историја, да се искриви семејната историја на сите тие 2 милиони Бугари кои потекнуваат од географската област на Македонија, само затоа што некој одлучи да создаде нова нација. Постои отворено билатерално прашање, прво мора да биде решено и само тогаш Бугарија ќе може да даде согласност за свикување на првата меѓувладина конференција’, рече Цанчев“, пишува „Медиапул“.

Софија потоа преку соопштение на Министерството за надворешни работи објави дека Бугарија официјално ја извести Европската комисија дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори за Република Северна Македонија и нацрт-декларацијата за неа. Причината – нема потребни гаранции за исполнување на условите поставени од Бугарија.

„Во исто време, Бугарија му се заблагодарува на германското претседателство со Советот на ЕУ и комесарот за проширување Оливер Вархеи за конструктивниот пристап и секојдневната заедничка работа во потрага по решение што е сè уште можно да се постигне и покрај кратките рокови“, соопшти Министерството за надворешни работи. (Н.В.)