Бугарија си даде автогол

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Место да добие поддршка од ЕУ за Гоце Делчев и „бугарската кирилица“, Софија ги доби ОМО „Илинден“ и македонското малцинство во пакет –  како барања за исполнување од ЕП за да не ѝ бидат сопрени европските фондови

 

Бугарското вето издиша. Место да ја дотера Македонија до ѕид и таа да ги прифати бугарските условувања, власта во оваа држава сега мора да се справува со негативните последици од резолуцијата на Европскиот парламент која ја смести земјата и владата на Бојко Борисов таму каде што се – во држави во кои не владее правото, не е развиена демократијата и не се почитуваат основните права.

Иако Бугарија со години по приемот во ЕУ беше предмет на технички мониторинг, а многу европски функционери јасно ставаа до знаење дека по нејзиниот прием и тој на Романија нагло паднала поддршката за проширувањето, ова е првпат Софија да добие ваква директна шлаканица од Брисел. Иако резолуцијата главно е реакција на повеќенеделните протести во земјата и на гласните критики од јавноста за поврзаноста на власта со мафијата, таа е искористена и за да ѝ се одржи лекција на Софија околу неразумниот меморандум против Македонија што го испрати на адреса на сите земји членки.

Едноставно кажано, занесена од фактот дека е земја членка на ЕУ и може да условува, Бугарија место да ја стави во теснец Македонија – си даде автогол. Бидејќи и досега имаше пораки до Софија околу корупцијата и редовни мониторинг извештаи, но за првпат во еден официјален и изгласан документ на Унијата стои дека треба да го признае ОМО „Илинден“ и да му даде права на македонското малцинство, што главниот бугарски јастреб во ЕП, Ангел Џамбаски го нарече „безумие“. Во резолуцијата се бара и користење на турскиот јазик во земјата, права за Ромите, почитување на Истанбулската конвенција и исполнување на некакви имотни права, теми од кои им се крева косата на глава во Бугарија. Практично, брцајќи ѝ во очи на Македонија, Софија брцна во осило. И што е најстрашно за власта, намерата е да се поврзе сето тоа со добивањето на европските пари и со силна контрола на нивното трошење.

И драмата тука очигледно не завршува. Резолуцијата веќе неколку дена е повод за силни внатрешни политички препукувања, па Гоце Делчев стана тема не за нас, туку за меѓусебни политички поткусурувања. Така, денес премиерот Бојко Борисов беше многу „разочаран“ од делот за ОМО „Илинден“ и македонското малцинство, порачувајќи му на министерот Бујар Османи дека ваквиот став на ЕП не е корисен во овој момент, кога тие и ние се обидуваме да најдеме компромис околу историските прашања. Не ја спомена притоа „бугарската кирилица“ и бугарските корени на македонскиот јазик, бидејќи е свесен дека поминаа петте минути на Софија за билдање на историските барања до небо.

Она што се обидуваше Борисов да прати како порака сепак не беше на наша туку на адреса на претседателот Румен Радев и Бугарската социјалистичка партија, кои сака да ги претстави во јавноста како најодговорни што вакви ерес прашања се нашле во резолуцијата на ЕП. Или, како што го појасни тоа најдиректно Џамбаски, никој во Бугарија никогаш не протестирал за тоа ОМО „Илинден“ да добие права и да се признае македонско малцинство, но социјалистите барајќи резолуција за корупцијата го добиле тоа во пакет. Социјалистите, пак, се бранат дека ниту еден од тие што ги преставуваат во Брисел не гласал за овие членови во резолуцијата, па и се обиделе да го спречат нивното вклучување во документот – но биле надгласани. Надгласана беше и владејачката ГЕРБ, иако премиерот Бојко Борисов претходно престојуваше во Брисел за да бара поддршка по коридорите на ЕУ и на ЕПП, но сепак му свртеа грб некои пратеници од неговата група на народни партии, а дури 23 беа воздржани.

И тие што ја туркаа најмногу блокадата на Македонија во ЕУ и кои се закануваа со вето, денес оценуваа дека е оцрнето името на Бугарија во Брисел. Џамбаски, пак, симболички порача дека резолуцијата им дава гориво на антибугарските интереси и ја менува „личната карта на Гоце Делчев“, кој според него се декларирал како Бугарин. Според медиумите во Бугарија последната формула во оптек била Делчев да биде дефиниран како „Македонец во регионална смисла, а Бугарин во народна“, поради што Џамбаски ги обвини социјалистите дека во борбата за власт се подготвени да признаат малцинство во Бугарија и да го помогнат сепаратизмот во земјата. „Медиапул“ во авторски коментар исто така напиша дека многу популарната политика на мавтање со прст кон Скопје за да се одвлече вниманието од домашната политичка сцена не постигнува веќе резултат. Според медиумот, Бугарија не успеала да постигне ништо со ултиматумот до Македонија во 2019 година, а не е јасно ни сега колку навистина сака да ја блокира Македонија и колку има сила да го направи тоа, бидејќи ниту една земја членка на ЕУ не ја поддржала околу меморандумот.

Заканата со вето за евроинтеграцијата на Македонија денес ја посипа со пепел и министерката Екатерина Захариева која излезе на прес-конференцијата со многу поразлична реторика од таа што ја демонстрираше за време на последниот престој во Македонија. Имено, место да се заканува и да условува, сега се потсетуваше на сите заслуги кои ги има Бугарија што проширувањето е повторно во игра во ЕУ. Поентата е: Што си мислеше Софија, дека ќе ја отвори Пандорината кутија, но ќе избира што да излезе од неа надвор? Од оваа гледна точка требаше да биде среќна прашањето за македонското малцинство и за ОМО „Илинден“ да останеше тема за билатерална кавга, отколку вака, кога стана тема за сите земји во Унијата.