Најбогатиот човек на планетата денеска патува во вселената: „Ако летот не е безбеден за мене, не е безбеден за никого“
Основачот на Амазон и најбогатиот човек на светот Џеф Безос денес ќе стане вториот милијардер кој ќе се упати во вселената. Следете го неговиот лет во живо од 15 часот, а преносот започнува час и половина пред лансирањето
Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, за неколку часа ќе стане и најбогатиот човек во универзумот. Откако милијардерот Ричард Бренсон долета до работ на вселената пред околу десетина дена, Безос ќе отиде чекор подалеку. Неговиот лет во вселената со ракетата Њу Шепард можете да го следите во живо од 15 часот, а преносот започнува час и половина пред лансирањето.
Безос се појави вчера во неколку интервјуа со неговиот брат Марк и со уште двајца патници на летот во вселената, 82-годишниот Воли Фанк (кој ќе стане најстариот астронаут во вселената) и холандскиот тинејџер Оливер Даемен (кој ќе стане најмладиот астронаут во вселената и кој е првиот кој го платил летот со ракетата Blue Origin).
Четворицата ќе полетаат до работ на вселената од оддалечената постројка за лансирање Launch Site One, во пустината во западен Тексас.
Безос и неговата компанија велат дека се целосно подготвени за вселенски летови и веруваат дека нивниот лет ќе создаде нов преседан во комерцијалните вселенски летови, пренесува порталот Зимо.дневник.хр.
За разлика од летот на Ричард Брансон до работ на вселената, Безос ќе се издигне со компанијата за цели 21 километри повисоко или на надморска височина од речиси 106 километри над површината на Земјата. Безос не го избра денешниот датум за летот случајно – на овој ден е годишнината од „големиот скок за човештвото“, односно првото зачекорување на човекот на Месечината (Нил Армстронг, мисија Аполо 11, 20 јули, 1969 година).
Екипажот на New Shepard ќе помине неколку минути надвор од линијата Карман – меѓународно призната граница помеѓу атмосферата на Земјата и вселената, на 100 километри надморска височина, додека леталото ќе достигне најдалеку на 106 километри.
Тие ќе можат да се восхитуваат на закривеноста на планетата – и црнилото на остатокот од универзумот – од големите прозорци што сочинуваат една третина од површината на кабината.
Безос за време на серија интервјуа во понеделникот рече дека со денешниот лет се отвора патот за следната генерација вселенски летови што ќе овозможи нови неверојатни работи и ќе ги подобри работите и на Земјата.
„Можев да дојдам на овој лет како шеф на ‘Амазон’ и тоа ќе беше исто толку добро. Ние навистина веруваме дека овој лет е безбеден. Пријателите ми рекоа зошто не го чекав вториот или третиот лет, зошто морав да одам сега“, изјави Безос за Си-Ен-Ен.
„Знаеме дека летот е безбеден, а ако не е безбеден за мене, не е безбеден за никого“, додаде тој.
Blue Origin досега има 15 успешни летови до работ на вселената со ракетата New Shepard и ова ќе биде првиот лет со екипаж и историска пресвртница за компанијата.