Најангажираните државни службеници ќе добиваат до 30 отсто зголемување на платата
Владата на Македонија на седницата одржана на 5 август донесе Уредба за начинот и критериумите врз основа на кои може да се исплати додаток на плата до максимум 30% од редовната плата за дел од вработените од централните институции на извршната власт.
Измените и дополнувањето на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година стапија на сила на 5 август и затоа тогаш се донесе Уредбата. Законот беше влезен во собраниска процедура на 8 јуни, но беше изгласан на 28 јули 2021 година.
Согласно Уредбата, правото на додаток на плата до 30% од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности.
Додаток на плата можат да добијат најмногу 30% од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон и/или колективен договор.
Наведуваме дека предметната Уредба нема да предизвика дополнителни фискални импликации, од причина што додатоците на плата за вработените ќе бидат утврдени согласно тековните буџетски можности. Со Измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година е регулирано дека додатокот на плата ќе се исплаќа доколку во Буџетот има обезбедено средства за оваа намена.
Исто така и во самата Уредба е наведено дека додатокот на плата може да се исплаќа и во помал износ од 30%, во зависност од обезбедените средства во буџетскиот корисник. Тоа значи дека исплатата на додатокот на плата и неговата висина е во зависност од фискалниот простор и слободните средства кои му стојат на располагање на буџетскиот корисник.
Укажуваме дека до овој момент не е извршена никаква исплата согласно Уредбата, со оглед на тоа што се распишани локалните избори. Исплатата на додатокот на плата ќе се реализира по завршувањето на локалните избори кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата, соопштија од Владата.