Наградени македонски уметници на меѓународниот филмски фестивал TIFA во Индија


На независниот меѓународен филмски фестивал „Triloka International Filmfare award“ во Индија соработници од тимот на Македонскиот центар ИТИ/Продукција освоија неколку награди.

Специјална награда од жири комисија за најдобар актер во секција независен краток филм доби Кирил Дончов во проектот Дестинација: Скопје-Габрово, награда за најдобра актерка во секција независен краток филм доби Димитрина Мицкоска  во проектот The PCR Song, награда за најдобар краток филм создаден од жена доби Иванка Апостолова Баскар за проектот The PCR Song, а награда за најдобар режисер доби Иванка Апостолова Баскар за проектот The PCR Song.

Од Македонскиот центар ИТИ/Продукција информираат дека нивните кратки видео театарски проекти успешно се пласираат на меѓународните филмски фестивали низ светот – фестивали отворени за експериментите кои потекнуваат од театарот и се наградени и влегуваат во официајлна секција во категориите арт хаус филм и експериментален филм.

Посочуваат дека во периодот 2020-2022 постигнале  48 официјални домашни и меѓународни селекции и 26 меѓународни награди на независни филмски фестивали  во Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Португалија, САД, Јапонија, Индија, Бразил, Сингапур, Јужна Кореа, Финска, Бугарија, Северна Македонија …

Нивните експериментални видео театарски проекти, како што потенцираат, базираат на делата на Венедикт  Јерофејев, Џон Драјден, Сашо Димоски, Лидија Митоска-Ѓорѓиоска, Миа Николоска, Миа Ефремова, Надица Трајкова, Ева Камчевска, Васил Михаил, Кирил Дончов, Теа Беговска, Иванка Апостолова Баскар, Елена Пренџова, Игор Поп Трајков, Стефан Марковски, Ирма Р. Башеска, Миа Кантарџиева. Во тимот на Македонскиот центар ИТИ/Продукција се Михаило Апостолов, Весна А. Бришкоска, Теа Беговска, Ана Батева, Кирил Дончов, Димитрина Мицкоска, Емилија Мицевска Трајковиќ, Томе Станковски, Леон Ристов и Иванка Апостолова Баскар. рп/