Над половина од младите во Македонија сакаат да се иселат


Младите се незадоволни од своето место во општеството – само една третина веруваат дека за пет години државата ќе биде подобро место за живеење. 58% од младите би се иселиле од Северна Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата. Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби. Ова се дел од резултатите на студијатата за Социо-политичко учество на младите: Неизвесност, нееднаквост и различни очекувања на Фондацијата за демократија на Вестминстер и Младински образовен форум којашто е објавена денеска. 

Како и на минатогодишното истражување, младите и сега се надеваат дека до 2025 година, Северна Македонија ќе стане дел од ЕУ. Во екот на пандемијата со Ковид-19, 40,9% од младите не се задоволни од начинот на справување со кризата. Тие сметаат дека се потребни построги мерки за справување со корона вирусот од страна на властите. 

„Она што особено загрижува е фактот дека повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не пројавуваат интерес за актуелните политички случувања и настани во државата. Дополнително, 7 од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството“, вели Димитар Низамовски, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).