Над 9.000 лица на „списокот“ на УЈП за оданочување на приходите од странство од пред пет години
До сега околу 1.300 граѓани го платиле данокот. Ова е само почеток, бидејќи, како што најавуваат од УЈП истата постапка ќе продолжи и за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година
Над 9.000 лица евидентирала до сега Управата за јавни приходи кои во 2020 година оствариле доход во странство кој подлежи на оданочување. Оваа информација е дел од одговорите на прашањата кои „Независен“ ги упати до УЈП, по реакциите на повеќе граѓани кои добија покана да се јават во УЈП за да ги регулираат своите даночни обврски за приходи од пред пет години, што предизвика бура на реакции и незадоволство кај засегнатите. Како што прецизираа од УЈП до сега околу 1.300 граѓани го платиле данокот. Ова е само почеток, бидејќи, како што најавуваат од УЈП истата постапка ќе продолжи и за наредните години, односно за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година.
„Врз основа на досега анализираните податоци, околу 9.000 лица имаат остварено доход од странство кој подлежи на оданочување, а истиот не бил пријавен. До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од околу 19 милиони денари и платиле данок во износ од околу 10 милиони денари. За 307 лица, Управата службено утврдила даночна обврска во износ од 1,5 милиони денари, која е наплатена.
„Независен“ во неколку наврати пишуваше на оваа тема, откако повеќе граѓани реагираа на постапката ан УЈП. Никој од нив не ја спори законитоста нан постапката, но забележуваат за тајмингот, иамјќи во предвид дека повеќето од нив не можат да ги најдат или пак ги фрлиле документите со кои би докажале дека данокот е платен во земјата од која се добиени девизните приливи. Има и многу нејаснотии меѓу нив кој се од нив и за кои основи треба да биде опфатен со оданочување. Во ходниците на УЈП каде што со часови се чека пред надлежните даночници може дасе слушнат и ситуации дека се бара данок за добиени средства за алиментација, за купување подарок, за добеини дознаки од блиски роднини во странство итн. Многумина за да ги проверат приливите од пред пет години се упатуваат кон баниките за да добијат соодветни изводи од ниванат сметка.
Во врска со сите овие дилеми, од УЈП велат дека даваат „целосно и недвосмислено појаснување, со цел точно информирање на јавноста и спречување на шпекулации“.
„Управата за јавни приходи информира дека обврската за пријавување на доход остварен од странство не е нова регулатива, туку постои со години, истата постоеше и во Законот за персоналниот данок на доход, и истата и сега е утврдена со Законот за данок на личен доход. Известувањата кои ги добиваат граѓаните се резултат на редовна даночна постапка која се базира на законските одредби, започната со систематска анализа на податоците од банките за приливите од 2020 година, која продолжува и со податоците за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година.
Од УЈП посочуваат дека е важно да се потенцира дека доставените известувања до граѓаните не значат автоматски утврден даночен долг, туку претставуваат персонализиран повик за појаснување на основот по кој средствата се добиени од странство како и доставување соодветна документација.
„УЈП обезбедува поддршка и дополнителни појаснувања за секој поединечен случај, а доколку обврзникот не се усогласи доброволно, УЈП согласно закон е овластена службено да ја утврди даночната обврска“, се вели во одговорите до „Независен“.
Во однос на дилемите дали се плаќа данок на средства испратени од блиски роднини, алиментација и семејни дознаки, УЈП, како што велат, „недвосмислено појаснува дека не подлежат на оданочување“.
Притоа, појаснуваат дека не се оданочуваат средства испратени од блиски роднини (родители, деца, браќа, сестри и слично) за лични потреби, подароци или новогодишни пакетчиња, доколку се соодветно документирани. Сепак, не појаснуваат што се подразбира под „соодветно документирање“ на ваквите приливи.
Не се оданочуваат и средства добиени по основ на алиментација, при што, како што посочуваат од УЈП, потребно е истите јасно да бидат наведени како такви и поткрепени со соодветна документација,
Исто така не се оданочуваат и дознаките кои нашите иселеници од странство ги испраќаат до своите семејства за покривање на месечни трошоци, лекување, образование и други основни животни потреби, доколку се евидентирани како такви во извештаите добиени од банките, односно не претставуваат доход од работа, услуга или дејност.
„Данокот на личен доход се утврдува исклучиво во случаи кога средствата од странство претставуваат остварен доход по основ на работа, хонорарни ангажмани, услуги, авторски и сродни права или друга самостојна дејност, согласно закон (ЗДЛД)“, велат од УЈП.
Во однос на постапката, од УЈП појаснуваат дека граѓаните треба да поднесат електронска пресметка преку системот е-даночни услуги на на УЈП, како и да ги прикачат сите потребни документи и докази за остварениот доход од кои може да се утврди основот на остварени средства, како и докази за евентуално платениот данок во странство.
„По поденесување на пресметката, службено лице од УЈП ја разгледува и доколку истата е во ред ја прифаќа пресметката при што ќе биде генерирана декларација со налог за плаќање“, велат од УЈП за „Независен“.
Од таму апелираат граѓаните навремено да ги исполнуваат своите обврски, да доставуваат целосна документација и да не подлегнуваат на дезинформации.
„Целта на постапките е правилна примена на законот, избегнување на дополнителни пресметки и санкции, како и јасно разграничување меѓу оданочливите приходи и средствата кои претставуваат семејна поддршка и не подлежат на оданочување“, велат од УЈП.
На истата тема:
Граѓаните бараат спас во банките за девизните приливи по поканите од УЈП – Независен Весник
Реакција на УЈП: Да не се создава погрешна перцепција дека „се оданочува сè“ – Независен Весник