На СПЦ ѝ догоре и сега сака да разговара со МПЦ


Можно ли е затоплување на односите и влегување во некаква финална фаза на решавање на црковниот спор откако по подолго време српските владици решија да го обноват дијалогот со Македонската православна црква?

Српската црква, како што нагласуваат тамошните медиуми, имаше еден услов за да се иницира обновување на дијалогот – пуштање на слобода на охридскиот архиепископ Јован Вранишковски. Тоа се случи во 2015 година, но ситуацијата остана статус-кво. Според информациите Вранишковски учествувал и на последната, како и на неколку претходни седници на Саборот на СПЦ, заедно со владиците на Православната Охридска Архиепископија, која е под закрила на српската црква.

Индикативно е што ваквото ретерирање на СПЦ доаѓа веднаш по одлуката на Вселенската патријаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ-ОА и на македонската Влада за решавање на нејзиниот статус.

Според познавачите, нема дилеми дека оваа одлука означува почеток на процесот за решавање на македонското црковно прашање, но засега не е познато во која форма и во која насока ќе биде донесена одлуката на екумнскиот патријарх Вартоломеј.

„Меѓу останатото, на останокот се разговараше и за апелацискиот суд (еклектон) кој го поднесе Црквата во Северна Македонија, која останува во раскол“, стои во соопштението на веб-страницата на Вселенската патријаршија.

Од МПЦ велат дека сѐ уште немаат добиено официјална писмена информација од Српската православна црква за евентуално барање за возобновување на дијалогот. Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј не сака да ги коментира ваквите информации во српските и македонските медиуми и вели дека ќе го почекаат официјалното барање.

„Ако добиеме таква понуда или таков предлог ќе се свика седница на Архиерејскиот Синод на МПЦ и тие ќе одлучат. Каква одлука ќе се донесе, тогаш ќе ви биде соопштено. Засега е неблагодарно јас да шпекулирам за ова прашање“, вели владиката Тимотеј.

Дел од верските аналитичари сметаат дека сега постои далеку поповолна клима за решавање на долгогодишниот црковен проблем, бидејќи, како што нагласуваат, нерелно беше да се очекува Српската црква да го стави македонското прашање на дневен ред без да се реши политички македонско-грчкиот спор за името. Во таа насока посочуваат и дека патријархот на СПЦ, Иринеј, потекнува од таканареченото тврдо крило наклонето кон грчката црква.

Дел од нив, пак, оценуваат дека станува збор за тактички потег на СПЦ да покаже пред другите цркви дека тие се за отворен дијалог, по најавите дека Вселенската патријаршија повторно ќе се активира за решавање на долгогодишниот спор и можноста да донесе позитивна одлука за автокефалноста на МПЦ по примерот на Украина.

Вартоломеј во интервју за белградска „Политика“ не даде конкретни одговори во врска со признавањето на афтокефалноста на МПЦ, туку укажа на разликите меѓу црковните спорови во Украина со оние меѓу СПЦ и МПЦ. Меѓутоа, нагласи дека нема намера да ги промени уставот на српската православна црква и нејзините граници ако не постојат адекватни услови.

„Околу ова прашање, за жал, постојат огромни дезинформации. Некои го поистоветуваат случајот на Украина со Скопје и со Црна Гора и тоа многу вешто бидејќи сакаат СПЦ да ја завртат против Вселенската патријаршија. Колку што ни е познато, многу владици на СПЦ се воздржани во поглед на Украина во страв дека тоа таму што се случи ќе биде повторено во Црна Гора и Охрид. Разликата во поглед на Украина, канонски и еклисиолошки (црквено) е во тоа што Русија упадна и ја окупираше киевската Митрополија, а тоа никогаш не ѝ беше отстапено, додека Србија сѐ што има тоа ѝ припаѓа и канонски и еклисиолошки“, рече Вартоломеј.

Ваквите смирувачки тонови на поглавараот на Вселенската патријаршија доаѓаат откако поглаварот на СПЦ, Иринеј, минатата година му испрати писмо, пишувано на старогрчки јазик, во кое го советува дека прави многу лоши чекори кои ќе имаат последици за целото православие. Но покрај советите, речникот што тој го употребува за „расколничката“ македонска црква е преполн со омраза. Македонците се нарекуваат „неиспилени северномакедонци“, а Македонија измислена државичка од Комунистичката партија и Тито. Иринеј го потсетува Вартоломеј дека со томос од 1922 година Вселенската патријаршија ѝ ги отстапила на СПЦ на верско управување просторите на тогашната Вардарска бановина во рамките на Кралството СХС. И дека сега нема никаква логика и дека е непринципиелно тоа што ѝ било дадено на тацна во 1922 година да ѝ се одзема.

Црквите, велат верските аналитичари, не можат да бидат изолирани од геостратегиските конфронтации што се случуваат околу Украина. Нејасно, според нив, е како сега ќе се постави Вселенската патријаршија, кај која, во секој, случај е последниот збор. Таа го дава томосот за афтокефалност.

„Македонската православна црква има богат и плоден духовен живот кој во суштина ја потврдува нејзината автокефалност но и долгогодишната неправда која и се прави. Очекувам дека христијанската љубов ќе биде причина за мудри и праведни одлуки во православниот свет. Време е помесните цркви на Балканот да покажат широчина, нашите народи се братски и споделуваат заеднички вредности. Верувам во мудроста на вселенскиот патријарх како прв по чест да постигне црковно единство и правда“, вели Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи. (Н.К.)