На собраниска комисија помина законот за обновливи извори на енергија


На денешната седница на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, поминаа предлог законите за користење на енергија од обновливи извори и за изменување и дополнување на законот за возила, во прво читање.

Воведно образложение по првиот предлог закон, даде претставникот на Владата, заменик министерот Мирослав Лабудовиќ. 

– Предлог законот за користење на енергија од обновливи извори
воспоставува современа и сеопфатна рамка за поттикнување на производството и користење на енергија од обновливи извори, рече Лабудовиќ. 

Тој истакна дека донесувањето на овој закон претставува исполнување на нашите обврски кон енергетската  заедница и претставува значен чекор во процесот на усогласување на нашето законодавство со тоа на Европската Унија, во областа на енергетиката и климатските политики.

Притоа нагласи дека предлог законот обезбедува услови за забрзано зголемување на уделот на енергија од обновливи извори во вкупната финална потрушувачка на енергија, како и за нивна, поефикасна интеграција во електроенергетскиот систем.

– Истовремено, се создаваат предуслови за намалување на зависност од увозна енергија, диверзификација на енергетски извори и јакнене на енергетската сигурност и отпорност на државата во услови на зголемени геополитички и пазарни предизвици, подвлече заменик министерот. 

На седница на комисијата, помина и Предлог законот за изменување и дополнување на законот за возила, во прво читање,  поднесен од неколку пратеници. Образложение за него, даде пратеникот Тони Јаневски. 

Според најавите, целта на предложените измени и дополнувања на Законот за возила е да се постигне поголема правна сигурност, доследна примена на изречените забрани и зголемена ефикасност во вршењето надзор, како и спречување на злоупотреби во вршењето на дејноста регистрација на возила.

Комисијата заклучи дека предлог законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.