На рочиштето за „Пулс“ презентирани видеа со времето на пристигнување на полицајците пред дискотеката
Видеозаписи, од кои се нотираат времето на пристигнување на полициските службеници пред дискотеката „Пулс“ и на активацијата на пиротехниката, беа изведени денеска во материјалните докази од Обвинителството во рамките на судскиот процес во Основниот кривичен суд Скопје против 13 полициски службеници.
Судењето продолжува на 8 јули со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Пред судот денеска беа изведени повеќе видеоснимки, вешт наод и мислење за градежниот материјал во дискотеката и какви хемиски реакции предизвикал, како и анализа на типот на пиротехниката што е употребена, и изводи и анализа на комуникација доставена од мобилните оператори.
Првото видео се однесува на видео од безбедносна камера од моментот кога полициските службеници пристигнуваат пред дискотеката и се упатуваат кон влезот на објектот во 2 часот и 22 минути на 16 март 2025 година.
Потоа беа презентирани видеозаписи, кои се однесува на внатрешноста на дискотеката, атмосферата и бината за време на настапот на групата ДНК кога се активира пиротехниката. Обвинителството презентира и фотографија, од која се нотира дека времето на активација на пиротехниката е 2 часот и 32 минути.
Одбраната реагира дека од видеата не може точно да се утврди времето на влез на полициските службеници во дискотеката и моментот на активирање на пиротехниката, што, како што нагласија, е особено важно за обвинението.
Бранителот на обвинетата Марија Маневска укажа дека од анализата на мобилната комуникација е утврдено дека не постои никаква инкриминирачка комуникација, а намерно или не, ја нема комуникацијата на Марија Маневска од 14 март 2025 година со нејзините претпоставени, од која, како што посочија, ќе може да се утврди дека тие биле запознаени со акцискиот план.
Претходно денеска, пред Судот беше изведен писмен извештај од Институтот за судска медицина за извршена обдукција на жртвите во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани на 16 март 2025 година. Ова е истиот извештај што веќе беше презентиран на главниот предмет за пожарот што се води во судницата во Идризово.
Според извештајот смртта на сите 59 жртви е насилна и во најголем дел настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Обвинителството презентираше и медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување на медицинска помош по пожарот – вештачења за 157 лица со тешки телесни повреди, како и оштетени кои се здобиле со телесни повреди.
Одбраната реагираше дека денеска изведените докази не се соодветно наведени во листата на докази.
Дополнително, според нив, ако се анализираат во конкретната ситуација меѓу повредените има и полициски службеник што на критичниот настан бил на должност.
-Не знаеме на која околност се изведуваат овие докази – реагираше еден од адвокатите.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова од ОЈОГОКК.
Обвинителството тврди дека полициските службеници што биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства, иако можеле да ги забележат на сцената.
Според одбраната, полициските службеници на критичниот ден биле неколку минути присутни во кабарето и почнале да работат по обврските наведени во планот за акциска контрола и не знаеле и не можеле да знаат дека воопшто ќе се користат пиротехнички средства, кои ќе предизвикаат пожар.
На минатото рочиште сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.
Во случајот обвинети се Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Сите 13 полициски службеници се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.