На Рамзан Кадиров му откажале бубрезите, тврдат украинските разузнавачи


 

Здравствената состојба на лидерот на Чеченската Република, Рамзан Кадиров, наводно се влошила, а некои медиуми јавуваат дека тој е на дијализа поради откажување на бубрезите. Информациите се базираат на извори од Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина (ДИУ), пишува „Украинска правда“.

Според овие извори, Кадиров наводно е во својата приватна болница во Чеченија, каде што се собрале членови на неговото семејство, вклучувајќи роднини кои пристигнале во земјата од странство. Ваквите случувања дополнително ги поттикнаа шпекулациите за сериозноста на неговата здравствена состојба.

Украинската воена разузнавачка служба, исто така, наведува дека, во контекст на влошената здравствена состојба на чеченскиот лидер, се интензивираат разговорите за можен наследник на чело на Чеченија.

Во овој контекст, беше употребена ироничната формулација дека Кадиров „стои на влезот во концертната сала на Јосиф Кобзон“, што е израз што се користи во рускиот и украинскиот политички жаргон како саркастична алузија на смрт или непосредна опасност по животот. Јосиф Кобзон, познат руски пејач и отворен поддржувач на Кремљ, почина во 2018 година.

Украинската служба за одбрана и разузнавање претходно неколку пати известуваше за сериозната, па дури и терминална здравствена состојба на Рамзан Кадиров.