На избори во октомври другата година


Премиерот Зоран Заев 99 отсто е сигурен дека во октомври ќе добиеме датум за почетокот на преговорите со Европската унија, членството во НАТО е завршена работа, а предвремени избори се непродуктивни и деструктивни во овој момент за земјата и нејзините граѓани.

Тој во интервју за „Фокус“ вели дека законот за Јавното обвинителство, каде се решава и статусот на СЈО не е услов за одлуката што Европскиот совет треба да ја донесе кон средината на октомври, но сепак е важен и некој може да ни забележи за тоа.

-Прво законот е многу важен за дома. Не ни е услов за одлуката што кон средината на октомври ќе ја носи Европскиот совет, но може некој да ни го земе за забелешка зошто и тоа не е завршено. Во извештајот тоа не е спомнато, односно не е услов, извештајот е основата за одлучување, тој е стопроцентно позитивен според нас, тоа го потврдија меѓународните институции, како што се Европската комисија, но и земјите-членки во своите коментари. Но  треба да го решиме, како заради потребите дома, така и да дадеме некој дополнителен аргумент. Јас сум постојано оптимист по многу прашања и така и по ова прашање, истакна Заев во врска со можноста да се постигне договор за законот.

Нагласува дека не може да каже дека во текот на преговорите и двете страни работат во интерес на државата, во интерес на сочувување на предметите, а и целиот систем околу опстојување на СЈО. Додаде дека таму има изградено капацитети, државата вложила, а и други земји како САД и Холандија помогнале во неговата опременост, екипираност.

Заев во интервјуто за „Фокус“ напоменува дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека со непостигнување решение всушност го вперува прстот кон себе, а во врска со тоа дека од опозициската партија во преговорите учествуваат и луѓе, кои се осомничени, тој нагласи дека предметите мора да имаат иднина.

-Тоа е поради тоа што голем дел од предметите се однесуваат на истраги, поврзани со поранешната власт, а таа беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се уште имаат луѓе во нивните врвови на партијата, кои најблаго кажано се осомничени. Предметите мора да имаат  иднина тоа е обврска на државата. Дали се во суд, дали се предистрага или истрага, тие мора да имаат иднина. Затоа што ако има индиции, докази за криминал, тоа треба да се истражи, а исто така и да се процесуира. Во тој дел должност на институциите е да ја гарантираат иднината на тие предмети. Таму каде што има докази, каде што има сомневања, сите закони и Кривичниот законик и Законот за кривична постапка гарантираат дека процесите мора да продолжат, истакна Заев.

Тој има доверба во капацитетот и интегритетот на Љубомир Јовески, државниот јавен обвинител, а на прашањето дали неговиот избор бил политички договор Заев вели дека верува во неговата компетентност и оти се одело кон тоа да се најде личност за оваа функција, која важи за независна.

Во врска со тоа да даде коментар дека и Вилма Рускоска била заменик на Гордана Гешоска, Заев рече дека таа работела на случаи за кои тие имале јавни коментари како партија во одредени моменти, а во врска со тоа дека поранешниот обвинител Шврговски ги третитал Рускоска и Гешоска за неспособни, премиерот нагласи дека Советот на јавни обвинители во делот на кандидатите си донел одлука да избере кој да биде шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

-И ние немаме намера да се мешаме во тоа, ако сакаме судството да остане независно, додаде Заев.

Предвремени избори за него не се посакувана опција, сега фокусот се членството во НАТО и преговорите со ЕУ, но и домашните реформи – економијата, борбата против криминалот и корупцијата, правниот систем, образованието, културата, се што е важно за граѓаните.

-Ако веднаш одиме на избори, тоа ќе донесе нови дисторзии на општеството, за шест до девет месеци застанува се. Државата одамна ни немала редовни избори. Ред е да оставиме еден мандат, посебно ако се решени историските прашања.  Верувам дека до декември не е соодветно решение, но крајот на октомври ние можеме да одиме на избори во 2020, истакна Заев во интервју за „Фокус“.