Куманово гласаше за Вучиќ


Фото: Б. Грданоски

Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ објави дека на српските парламентарни избори во Куманово, листата „Обединета Србија“ освоила 487 гласа, а Студентската листа само 35 гласа.

„Куманово: Обединета Србија 487, Студентите победуваат 35“, напиша Стоилковиќ на својот профил на Фејсбук, а објавата ја придружи со слика од гранче рузмарин, песна што стана дел од изборната кампања на Српската напредна партија (СНС) и за која Александар Вучиќ претходно зборуваше во телевизиско гостување.

Вучиќ објасни дека песната „Рузмарин“ почнале да ја пуштаат на предизборните настани откако забележал дека луѓето се веселат на неа. Подоцна дознал дека таа била омилена песна на Ратко Младиќ, но рече дека претходно не знаел за таа поврзаност.

„Навистина е убава песна. Се надевам дека ќе се пее во недела навечер. Ние секако ќе ја пееме. Без разлика дали ќе победиме или ќе изгубиме, ние ќе ја пееме“, рече Вучиќ.

Стоилковиќ не наведе извор на податоците, ниту појасни дали станува збор за конечните резултати од гласањето во Куманово.

Во друга објава на Фејсбук, Стоилковиќ ѝ честиташе на Студентската листа и изрази надеж дека новото политичко раководство во Србија ќе продолжи да ги зајакнува врските со српската заедница во регионот.

„Нека оваа победа ви биде обврска да ја водите Србија напред, а нас во регионот да нè зајакнувате и да нè држите под своја закрила“, напиша Стоилковиќ.