На Горан Бреговиќ не му бил дозволен влез во Молдавија


Кишињев- Организаторите на Гитарскиот музички фестивал кој се одржува во Молдавија соопштија дека уметникот Горан Бреговиќ не добил дозвола да влезе во земјата иако веќе слетал на аеродромот во Кишињев и поради тоа нема да може да вечерва настапи на фестивалот со својот бенд.

Причините за ваквата одлука на властите не се познати. Можно е Бреговиќ „не успеал да ја објасни целта на посетата“, пренесе Спутник Молдавија. Бреговиќ се извини што не можеше да настапи на фестивалот посветен на гитарата, објавено е на веб-страницата на организаторите на фестивалот.

„Бевме многу разочарани кога не ни дозволија да влеземе во Молдавија на аеродромот во Кишињев, без официјално објаснување“, изјави Бреговиќ.

Регионалната поп-ѕвезда која живее и работи во Париз, истакна дека со своите музичари оди низ цела Европа и дека никогаш никаде немало проблеми.

„Многу ја сакам вашата земја и уживам во секоја прилика да настапувам во Молдавија, особено на ваков колоритен и уникатен фестивал. Многу ми е жал што ми ја ускратија радоста и задоволството овојпат да се појавам пред вас“, нагласи Бреговиќ.

Бреговиќ вети дека тој и неговиот тим ќе се погрижат следниот настап во Молдавија да помине без проблеми, пренесува Танјуг.