На двојните избори само еднаш ќе може да се гласа


На двојните избори во  Македонија на 8 мај, граѓаните само еднаш ќе можат да дојдат на гласање. Ова е едно од изборните правила коишто ќе важат на денот на изборите идната среда, кога треба да се одржи вториот круг на претседателските избори и првиот круг на парламентарните избори во земјата. 

Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните им се укажува дека ако се одлучат да гласаат само на едни избори, потоа не можат да се предомислат и повторно да се вратат и да гласаат за другите избори. 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во интервју за МИА посочува дека е важно на граѓаните да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори.

„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избора. Постапката е следна: кога ќе дојде, прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И потоа оди да гласа“, вели Даштевски.

Но, важно е граѓаните, кога за тоа ќе бидат прашани на избирачкото место, да имаат прецизен одговор дали ќе гласаат само за едните или и за претседателските и за парламентарните избори, бидејќи потоа нема да можат да се предомислат. Тоа е битно, бидејќи за претседателските избори има цензус.

„Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните избори, бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем“, вели Даштевски.

Претседателот на ДИК вели дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. 

„Презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика. Исто така, за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите да бидат сите присутни“, вели Даштевски.

Тој ги повикува гласачите да излезат повторно мирно, достоинствено и без притисоци да го дадат својот глас за онаа партија за која одлучиле.