МЖСПП: Неделните извештаи на ДИЖС ќе продолжат да се објавуваат
Министерството за животна средина и просторно планирање останува доследно на определбата за поголема транспарентност и навремено информирање на јавноста за состојбите во животната средина.
Редовното објавување на информациите за извршените инспекциски надзори претставува важен инструмент за информирање на граѓаните и за јакнење на довербата во институциите. Оттука, неделните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжат да се објавуваат, иако за тоа не постои експлицитна законска обврска.
Оваа информација од МЖСПП доаѓа откако од Иницијативата „Стоп за Усје“ обвинија дека Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ја прекинал практиката на објавување неделни извештаи за извршените инспекциски надзори, без јавно образложение и без претходна најава.
„Нашиот пристап е јасен – кога станува збор за информации од јавен интерес, особено во областа на загадувањето и заштитата на животната средина, стандардот треба да биде поголема, а не помала достапност на информации за граѓаните.
Во истата насока е и активноста за воспоставување Регистар на загадувачи. Во тек е подготовка на потребните технички решенија, а ќе бидат иницирани и соодветни законски измени за да се обезбеди негово целосно функционирање и јавна достапност“, додаваат од МЖСПП.