МВР ќе санкционира секаков инцидент на пречекот на ракометарите „Варадар“


Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир на пречекот на европските шампиони ракометниот клуб „Вардар“ и ќе биде најстрого санкциониран било каков обид за предизвикување на инцидент, како што беше направено на синоќешната прослава.

Притоа, од МВР укажуваат дека радувањето на спортските успеси е неспоиво со говор на омраза, дискриминација и поттикнување на омраза и насилство.

МВР апелираат до граѓаните да не употребуваат навредливи пароли, скандирања или пеење на песни со кои шират говор на омраза, затоа што тоа ќе биде санкционирано и да се воздржат од употреба на пиротехнички средства затоа што на тој начин се загрозува безбедноста на граѓаните, како што тоа беше случај синоќа со една девојка што се здоби со повреди од пиротехничко средство.

– Граѓаните кои ќе забележат било какво прекршување на законите да пријават кај полициски службеник или најблиската полициска станица или да се јават на бројот 192. Ја известуваме јавноста дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со надлежното обвинителство континуирано презема мерки и активности за санкционирање на ширењето на говорот на омраза и на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук, соопштуваат од МВР.