Музика, цвеќиња и солзи: Ирска се прости од Шинед О’Конор


Илјадници фанови излегоа на улиците за да ѝ оддадат почит на починатата ирска музичка легенда Шинед О’Конор во вторникот, во солзи и фрлајќи цвеќиња додека нејзиниот погребен кортеж возеше покрај нејзината стара куќа во Бреј, округот Виклоу, во Ирска.

Ковчегот на О’Конор беше покриен со сини, бели и розови цветови. Фотографија на пејачката беше видлива и низ задниот прозорец на кортежот. Пејачката почина минатиот месец на 56-годишна возраст, по долгогодишна борба со менталното здравје и 18 месеци по смртта на нејзиниот 17-годишен син Шејн.

 

Некои од толпата чекаа повеќе од два часа, пеејќи заедно и танцувајќи на музиката на О’Конор што се слушаше од комбето на Фолксваген Буба обвиено со знамиња од виножито.

Меѓу толпата имаше и деца со плишани мечиња и скутери. Луѓето носеа ирски капи, шалови и знамиња, носеа цвеќиња, транспаренти, па дури и гитара. Многумина ги донесоа своите кучиња.

Додека О’Конор имаше јавна погребна поворка, нејзиниот погреб се одржа приватно.

Според ирскиот јавен радиодифузен сервис RTE, ирскиот Таоиски [премиер] Лео Варадкар бил меѓу високите личности кои присуствувале на приватната погребна служба, заедно со ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс и неговата сопруга Сабина.

Присутни беа и пејачите Боб Гелдоф, Eџ и Боно од U2, објави RTE.

О’Конор беше позната по нејзиниот политички активизам и многумина од толпата го следеа примерот. Еден маж носеше знак во кој протестираше против односот на Ирска кон децата во домовите за згрижување и сиропиталиштата, додека друга жена носеше маица за Слободна Палестина. Неколку луѓе вееја знамиња на гордоста.

Погребот на О’Конор се одржа во вторникот наутро и го предводеше главниот имам на Исламскиот центар на Ирска, шејхот д-р Умар Ал-Кадри, кој на X – порано познат како Твитер – рече дека ја изразува својата „срдечна благодарност“ до семејството за признавање и прифаќање на нејзината муслиманска вера откако ѕвездата премина во ислам. 

Пејачката доживеа светска слава во 1990 година со нејзината „Nothing Compares 2 U“, една од најубавите балади на сите времиња. Ќе остане запаметена по нејзините неверојатни гласовни способности, но по бунтовничкиот живот кој го одбележаа четири брака. (Си-ен-ен, Ројтерс)