Изјави по изборите: За Муцунски гласањето беше фер и демократски, за Таравари „земјотрес“
„Дозволете на почетокот најпрво да му честитам на македонскиот народ за високата демократска свест манифестирана преку излезноста. Народот покажа дека знае да ја процени важноста на изборите“, со овие зборови Тимчо Муцунски ја започна првата прес конференција по затворањето на избирачките места.
Како што најави тој, од аспект на изборниот процес, тој поминал фер и во демократска атмосфера, но нагласи дека имало нерегуларности предизвикани од власта и од нивните активисти.
Како што рече, имало притисок врз гласачи во Сарај, импровизиран штаб во ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, забележано било семејно гласање, а во Куманово не функционирале апаратчињата за идентификација на отпечаток.
„За сите забелешки ќе постапиме пред институциите, затоа што во наш интерес е да имаме кристално чист изборен процес кој ќе заврши со победа на Македонија. Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и на враќањето на Македонија на народот, процес кој ќе ја направи земјата горда“, рече Муцунски.
Изјава даде и претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски:
„Моите искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија за денешниот изборен ден, ова беше навистина достоинствено и цивилизирано завршено како што доликува на граѓани кои живеат во Европа и во 21 век. Покажавме дека можеме да направиме мирни и достоинствени избори. Во оваа изборна камапања немам никаква забелешка на однесувањето на моите противкандидати, освен тоа дека имавме само една дуел емисија и дека двајца кандидати беа исклучително финансиски фаворизирани, што сметам дека на следните избори тоа треба да се корегира и да има рамноправна поделба на средствата. Немањето на дуели ја направи оваа кампања неатрактивна, затоа нема излезеност ни 50%, а критики и за гласањето во дијаспората бидејќи се работи за работен ден и луѓето треба да работат, а работодавачите не им даваат слободен ден за да гласаа. Тоа треба да се поправи до следните претседателски и парламентарни избори“, рече Јакимовски.
Кандидатот за претседател од редовите на албанската опозиција, Арбен Таравари, изјави дека денеска се случил земјотрес за што сведочи големата излезност на гласачите. Според него потресите ќе се почувствуваат на 8 мај.
„Земјотресот почна денеска со големото учество, додека големите потреси ќе бидат на 8 мај, на парламентарните избори“, рече Таравари. „Во име на коалиацијата Вреди и во мое име ви благодарам што толку масовно излеговте на гласање. Сега веќе имаше помасовен одзив, отколку во претходните избори, што покажува дека промените се приближуваат и доаѓаат. Ние како коалиција сме пресреќни што добивме толку гласови, претежно од Албанците. Сега промените се во кутииите, кои се отвараат. Се надевам дека набљубудувачите ќе ги контролираат и нема да дозволат да имаа злоупотреби и дека ќе гарантират оти секој глас што е даден на деморкатски начин ќе излезе на површина. Гласот на граѓанинот не треба да се злоупотребува. Земјотресот денес почна, со масовно учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај Вреди ќе победи и ќе дојде до долгоочекуваната победа, со која ДУИ ќе оди во опозиција“ – кажа Таравари.