Му се случува ли „Панорама“ на Мицкоски?
Место за референдум и за предвремени избори, Мицкоски наредните месеци најверојатно ќе треба да се бори да нема избори за неговата функција
Расколот во ВМРО-ДПМНЕ продолжува и, по сѐ изгледа, ќе трае подолг период. Иако и на многумина од тие што се инволвирани не им е јасно што се случува навистина, по политичкиот говор на Данела Арсовска во Советот на Град Скопје, во кој обвини дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски никогаш нема да излезе од „тендер матрицата“ и дека, ако бара оставки, да тргне од себе нарекувајќи го „шпицен градоначалник“, станува јасно дека скопската градоначалничка го отвора „ловот“ за лидерската функција во ВМРО-ДПМНЕ.
Според стилот на говорницата и речникот што го употребуваше и навредите што ги упатуваше, првата асоцијација е дека на Мицкоски му се случува „Панорама“ и дека, откако со статутот си ја зацементира позицијата, некој пресметал дека на сила треба да го тргне од лидерската функција.
Кампањата против Мицкоски како лидер е почната одамна, а ова што го гледаме сега е најверојатно сѐ уште загревање. Место предвремени избори, Мицкоски наредните месеци ќе треба да се бори да нема избори во неговата партија, но „гладните усти“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои не можат веќе да чекаат, го забрзуваат тој процес.
Членовите се збунети бидејќи не знаеја од каде Данела Арсовска како „независна“ стана оддеднаш најдобар кандидат за градоналник, за сега сите околу Мицкоски да тврдат дека е целосно некомпетентна и, за тоа за што ја фалеа до вчера – сега да ја плукаат. Дури и да нема амбиција да му ја земе лидерската позиција на Мицкоски, Данела очигледно не осамна на функцијата на која што е за да биде градоначалничка и очигледно не ѝ се работи за таква „слава“, бидејќи освен внатрешните пресметки и хаосот во градската управа, нема никакви резултати од нејзината работа.
Излегува дека таа е на некој начин тројански коњ во Град Скопје преку кое ќе ја презема ВМРО-ДПМНЕ, во интерес на некои структури кои не сакаат Мицкоски да е веќе таму каде што е. Времето ќе покаже колку бројат тие, кој стои зад нив и дали во моментов за градот, за партијата, па и за државата е подобро Мицкоски да загуби – или Данела да не победи.
Која од двете катастрофи е подобрата ќе решат тие што ги влечат конците зад партијата, а пред сѐ финансиерите, па можеби и обвинителите, меѓународниот фактор и според тврдењата од членови на ВМРО-ДПМНЕ, дури и некои клучни фигури околу СДСМ. Единствено што е јасно во моментов е дека толку колнења во чесност околу работењето и тендерите во ВМРО-ДПМНЕ немало од постоењето на оваа партија. До таа мерка што на моменти наликува дека целата оваа сапунска опера е смислена за да се испере имиџот на партијата, додека во исто време се уриваат два тендера за проекти со европски пари, за кои Арсовска тврди дека ги фатила кадрите од ВМРО-ДПМНЕ со „рачето во мед“, иако е познато дека најпатриотската партија никогаш не сакала да работи со пари за кои има силна контрола од меѓународниот фактор.
Она што падна во очи од упадот на Данела на седницата денес е дека таа го научила најдоброто од школата на Никола Груевски – зема збор, обвинува и си заминува кога ќе дојде ред за прашања кон неа. Очигледно е, исто така, дека откако таа е градоначалник таму повеќе се води политика отколку што се работи на проекти. Очигледно е исто така дека таа, во стилот на Груевски, само поставува и разрешува, како да управува со воен команден центар, а не со градски претпријатија кои се витални за секојдневието на скопјани. Очигледно е исто така дека таа за ништо не е одговорна, а внесе хаос во нив, го парализира целото градско функционирање и најавува стотици нови откази. Стана очигледно и тоа дека со неа ни партизацијата нема иднина, бидејќи не може да преживеат на функциите и работните места ни кадрите на владејачката партија на подолг рок. Стана јасно дека Скопје ќе се гуши во ѓубре, ниту едно дрво нема да биде насадено, јавниот сообраќај ќе остане нерешен, „Дрисла“ можебни ќе нѐ труе повторно, греењето и осветлувањето друг ќе ги решава, а таа ќе ја шири војната со ВМРО-ДПМНЕ и во општините. Колку ќе биде „крваво“ се гледа од обелоденувањето на бројот на становите, на куќите и на хидроцентралите на Мицкоски заедно со пораката – „рокот за употреба ти заврши“.
Обвинувањата се дека Мицкоски е лидер на некаква „ВМРО олигархиска“ и дека ја продал партијата за да ги спаси Јордан Камчев и Сашо Мијалков од затвор, додека ги остава тие од 27 април да „скапуваат“ во затвор, така што додека тој е лидер, немаат шанси ни да победат на избори ни да дојдат на власт.
Дали станува збор сепак за тепачка кој да спроведува тендери, дали станува збор за политичко престојување на Арсовска (наводно станала многу блиска со ГРОМ), дали добила задача од Будимпешта да го тргне зацементираниот Мицкоски кој не остави простор демократски да биде сменет од функцијата и дали можеби почна сценариото за обезбедување (или спречување) гласови за уставни промени, место во Собранието на Македонија во Град Скопје? Веројатно има од сѐ по нешто.