МРТ и АВМУ ќе се реформираат од есен


Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски, за денеска закажал седница, со која практично ќе почне постапката за избор на членовите на новите раководни тела на МРТ и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).
Откако владејачката партија СДСМ го обвини дека ја кочи процедурата за избор на советите на МРТ и на АВМУ, Димовски закажа седница на Комисијата, иако, како што вели, сè уште нема сигнали за усогласени ставови меѓу пратеничките групи за кандидатите кои се пријавиле на конкурсите што ги распиша Собранието уште пред претседателските избори, а кои беа „замрзнати“ во изборниот период.
– Ги ставив на дневен ред точките за проверка на кандидатурите на конкурсите за именување членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на АВМУ, за да не бидам користен како алиби за наводно кочење на постапката, иако немам информации дека има каква била усогласеност меѓу партиите во однос на селекцијата на кандидатите – ни изјави Димовски.
Тој вели дека, ако во меѓувреме партиите ги усогласат ставовите, очекува постапката за избор на новите функционери во овие две тела да заврши кон средината на септември. В понеделник Комисијата за избори и именувања, како што објаснува, треба само да го прочисти списокот со кандидати што се јавиле на двата конкурси, од аспект на исполнување на поставените критериуми и доставување соодветна документација. Кон крајот на август, како што проценува, би требало да се одржи јавна расправа во однос на кандидатите што ќе останат во игра за позициите во советите на МРТ и на АВМУ. Потоа матичната Комисија со двотретинско мнозинство, што значи девет пратенички гласа, треба да состави конечни листи на кандидати кои потоа треба да бидат избрани во парламентот – исто така со квалификувано мнозинство.
Изборот на новите раководни тела на МРТ и на АВМУ треба да се спроведе според новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги, кој беше донесен кон крајот на минатата година, поточно пред повеќе од половина година, со 79 гласа „за“, а откако претходно речиси цела година беше затрупан со опозициски амандмани и заглавен во собраниската Комисија за транспорт и врски. Нов Програмски совет на МРТ и Советот на АВМУ потоа треба да изберат нови директори на јавниот сектор и на Агенцијата. На тие функции со години наназад се Марјан Цветковски и Зоран Трајчевски, кои важат за луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
На конкурсот за седум места во новиот состав на Советот на АВМУ се пријавени 28 кандидати, меѓу кои познати новинари и медиумски работници, неколку професори и двајца членови на некогашната Комисија за лустрација. Помала е конкуренцијата за Програмскиот совет на МРТ, каде што за 13 места се пријавени 19 кандидати, од кои дури шестмина од сегашниот состав на јавниот сервис, додека меѓу другите кандидати, исто така, има повеќе новинарски имиња. (А.М.М.)