Мрачната слика за Европа во безбедносната стратегија на Трамп

Новата безбедносна стратегија на САД е дипломатска бомба за Европа. Таа сега треба да размислува и носи одлуки како понатаму


„Драги американски пријатели, Европа е вашиот најблизок сојузник, а не ваш проблем. Веќе 80 години имаме заеднички непријатели“, напиша полскиот премиер Доналд Туск по повод објавувањето на Националната безбедносна стратегија (НБС) на Соединетите Американски Држави. Документот предизвика негативни реакции во Европа со оглед дека НБС e документ кој периодично се објавува од страна на Белата куќа на почетокот на новиот мандат на претседателот како одговор на големи промени во безбедносното опкружување. Таа ги утврдува приоритетите за наредните години, и постои од 1986 согласно Законот на Голдвотер и Николс.

Она што постојано беше присутно во воздухот сега и официјално се потврди, напиша Жак Доминик Џулијани од Фондацијата „Роберт Шуман“. Овој претседател на САД смета дека Европа е во опаѓање, има намера и да ги поништи нејзините политики и да промовира националистичка опозиција во земјите-членки. Според Трамп, сегашната Европска унија е непријател на американските интереси доколку се држи до универзалните вредности и се стреми да ја постигне својата автономија, констатита Џулијани.

Далеку од тоа да биде празен и неефикасен документ, овој текст од 30 страници има за цел да ја соопшти стратешката визија на извршната власт на Конгресот, со што ќе ги легитимира неговите барања за финансиски ресурси, но исто така и да ја сподели стратешката визија на извршната власт на САД со други земји и разни меѓународни тела. Најновата верзија  имаше ефект на дипломатска експлозија поради нејзината содржина и контекстот во кој беше објавена.

Визијата на Трамп за САД

САД треба да останат најсилната, најбогатата, најмоќната и најпросперитетна земја во светот во наредните децении. На САД им е потребна кохерентна и фокусирана стратегија за тоа како комуницираме со светот. Стратегијата мора да оценува, сортира и да дава приоритет. Трамповата администрација ги критикува  „неуспешните“ американски стратегии од крајот на Студената војна. „Тие беа листи на желби и  посакувани цели. Дури не дефинираа јасно што сакаме, туку наведуваа нејасни фрази и честопати погрешно проценуваа што треба да сакаме“, се истакнува во стратегијата. „По завршувањето на Студената војна, американската елита на надворешната политика се убеди дека трајната доминација на САД над целиот свет е во најдобар интерес на нашата земја. Сепак, работите на другите земји нè засегаа само ако нивните активности директно ги загрозуваат нашите интереси. Нашите елити сериозно ја потценија подготвеноста на САД  на неодредено време да преземат глобални одговорности што американскиот народ не ги сметаше за национален интерес.

Тие го преценија капацитетот на САД истовремено финансираа огромна социјална држава, регулаторен и административен апарат и подеднакво огромен воен, дипломатски, разузнавачки и комплекс за странска помош. Нашите елити направија екстремно погрешни и деструктивни облози за глобализмот и таканаречената ‘слободна трговија’, кои ја уништија средната класа и индустриската база врз која почива економската и воената надмоќ на САД. Тие им дозволија на своите сојузници и партнери да ги префрлат трошоците за нивната одбрана врз американскиот народ и, понекогаш, да нè вовлечат во конфликти и контроверзии суштински за нивните интереси, но периферни или неповрзани со нашите“, констатира Стратегијата.

Инспирирана од изборната кампања на Трамп, стратегијата бара целосна контрола врз граници, врз имиграцискиот систем, врз транспортните мрежи преку кои луѓето доаѓаат во нашата земја – легално и нелегално. „Сакаме свет во кој миграцијата ќе биде регулирана, свет во кој суверените држави ќе работат заедно за да ги спречат, а не да ги олеснат дестабилизирачките текови на миграцијата. Сакаме отпорна национална инфраструктура што може да издржи природни катастрофи, да се спротивстави и да ги спречи странските закани и да спречи или ублажи какви било настани што би можеле да му наштетат на американскиот народ или да ја нарушат американската економија. Ниту еден противник или опасност не треба да ѝ се закануваат на Америка.

Сакаме да осигуриме дека Западната хемисфера останува доволно стабилна и добро управувана за да спречи и обесхрабри масовната миграција кон САД. Сакаме хемисфера чии влади соработуваат со нас против наркотерористи, картели и други транснационални криминални организации.  Сакаме хемисфера која останува слободна од непријателски странски упади или запленување на клучни средства и која поддржува критични синџири на снабдување. Сакаме да ги поддржиме нашите сојузници во зачувувањето на слободата и безбедноста на Европа, а воедно да ја вратиме самодовербата на европската цивилизација и западниот идентитет“, стои во стратегијата.

За разлика од стратегијата на Џо Бајден  од 2022, која ја нагласуваше  конкуренцијата со Кина и ја класифицираше Русија како „опасна“ држава, Стратегија за национална безбедност на Трамп е радикално поинаква и експлицитно ја потврдува преориентацијата на американската надворешна политика. Во овој документ ЕУ доби долен удар од Трамповата администрација која  предвидува дека „за 20 години  Европа ќе стане непрепознатлива“. Стратегијата, ги осудува европските одлуки што „ја поткопуваат политичката слобода и суверенитет“ и „миграциските политики што го трансформираат континентот“. Трамп „не гледа причина за голема надеж“ за Стариот континент освен во „влијанието на европските патриотски партии“ што беше рефлектирано и  о говорот на потпретседателот Џ.Д. Венс на Минхенската конференција кој ја шокираше Европа. Стратегијата, исто така, недвосмислено повикува на „корекција на сегашната траекторија на Европа“. Европа се дави  во  „нереални очекувања“ во врска со војната во Украина. ЕУ е „минориторна и нестабилна“. Ова веројатно е прикриен напад врз Франција, констатира Магали Бартес за францускиот канал ТФ1.

Трамп подржувач на Монро

Доктрина, на претседателот Џејмс Монро (1823) е принцип на американската надворешна политика што се спротивставува на секое европско мешање во Америка и се залага за немешање на САД во европските работи. Според Монро, „САД се заштитник на Западната хемисфера“. Професораката Сесил Дуноходо, уште подлабоко ја елаборира оваа теза: „Трамп јасно ја покажува својата приврзаност кон доктрината Монро, која ја надогради со сопствен шмек. Во обраќањето од 2 декември 2025, при одбележување на годишнината на Монро, Трамп безрезервно ја осуди политиката на Бајден за војната во Украина и климатските промени кои не постојат“.

Според Дуноходо, „САД на Трамп не предвидуваат однос на еднаквост со остатокот на светот, а особено со Европа. Наместо тоа, она што се разгледува е проект за потчинување на Европа, гледана првенствено како економска колонија и политичка вазална држава. Таквиот вазалски статус е посакуван со поддршка на популистичките партии во различни европски земји“, заклучува Дуноходо за политиките на Трамп.

Во реакцијата претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, од конференцијата „Жак Делор“ (8.12.2025) порача дека „САД треба да се воздржат од заканите за мешање во демократскиот живот на европските сојузници“. Кошта истакна дека е „добро  што стратегијата сè уште ја третира Европа како сојузник. Но ако сме сојузници, мора да се однесуваме така. А сојузници не се закануваат дека ќе се мешаат во демократскиот живот или во внатрешните политички избори на своите партнери. Треба да се почитува суверенитетот“. Тој заклучи: „Европа мора да разбере дека односите меѓу сојузниците — и самите алијанси создадени по Втората светска војна — веќе не се исти. Американскиот пристап покажува длабоки промени и отстапува од мултилатерализмот, слабеење на поддршката за поредокот заснован на правила и напуштање на климатската политика како глобален приоритет“. Кошта отворено ја бранеше и регулаторната независност на ЕУ, вклучително и високата казна што Европската комисија неодамна ја изрече на социјалната платформа Икс (поранешен Твитер) согласно Законот за дигитални услуги.

Дипломатска бомба

Реакцијата на европските лидери и интелектуалци на стратегијата на Трамп беше експлозива и остра. Поранешниот амбасадор на Франција во САД, Жерар Аро, истакнува дека „прекрасниот“ дел за Европа се чита како памфлет на екстремната десница. Од своја страна Карл Билд истакнува: „Единствениот дел од светот каде што новата (американска) безбедносна стратегија гледа каква било закана за демократијата се чини дека е Европа“.

Од Фондацијата „Роберт Шуман“ истакнуваат дека иако Трамп го ширеше слоганот „Америка на прво место“ како единствена цел на неговата надворешна политика, овој документ, исполнет со противречности и неточности, и со автритарен речиси сталинистички тон (името на Трамп се споменува речиси триесет пати), има намера да го подложи светот на меркантилистичката визија на Трамп.

Стратегијата беше мошне позитивно дочекана од Москва, веројатно затоа што Русија не фигурира како стратешка опасност за САД но и заради блиските методи на Путин и Трамп, сметаат во Фондацијата „Шуман“. Европските политичари, претседателот Трамп го сметаат за заговореник  на  „илиберализмот“, идеологија прифатена од европските екстремистички движења. Незапирливата љубов кон парите, дури и до степен на корупција, ги обединува двајцата светски лидери, истакнува Џулијани од Фондацијата „Шуман“. За нив, меѓународните односи се сведени на трговија и профит, а управувањето на клептократија на неколкумина избрани. Тие ги презираат законите, правилата, а со тоа и Европа, која ја сметаат за нејзина најнапредна форма. Не им се допаѓаат фактите и вистината, развиваат алтернативна реалност и пропаганда достојна за тоталитарни режими. Тие веруваат во брутална сила, динамика на моќ и свршен чин. Се убедуваат себеси дека само дијалогот меѓу „големите сили“ може да ги организира меѓународните односи и дека е исправно да им се оддава почит, заклучува авторот

Безбедносната стратегија на САД претставува „егзистенцијален предизвик“ за Европа и нејзината демократија. Вашингтон прикажува мрачна слика за Европа и предлага да помогне во „корегирањето на нејзината траекторија“ со поддршка на крајно десничарските партии, заклучува уведникот во Фигаро .

Кон овие тешки дијагнози се надодава и онаа на Ројтерс кој објави дека „американските власти им соопштиле на европските колеги дека сакаат Европа да го преземе поголемиот дел од конвенционалната одбрана на НАТО и тоа од разузнавачки информации до интелигентни ракети до 2027. Ова значи  имплицитно повлекување на досегашните американски безбедносни обврски што може да има сеизмички импликации за алијансата. „Ако е вистина, ова е нешто што ќе ја потресе Европа“, констатира Оливие Ле Буси од „Либре белжик“. Ете толку се исплаќаше додворувањето на европските лидери кон Трамп кој помеѓу неговите голф натпреварите и разговорите во Белата куќа, му ласкаа  и го фалеа, додека се обидуваа да го отфрлат од неговата очигледна наклонетост кон Кремљ и презирот кон европскиот проект

Во документот се исмејуваат „нереалните очекувања“ на европските претставници кои ја поддржуваат Украина во нејзината борба за опстанок против Русија и „нестабилната малцинска влада“. Наместо да се фокусира на геополитичките предизвици на Русија и Кина, таа се насочи кон самата Европа, предупредувајќи против цивилизациското бришење на континентот благодарение на неограничената миграција и несигурниот либерален естаблишмент, истакнуваат во Брисел.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)