Може ли военото складиште во Придњестровје да ја „крене во воздух“ Молдавија?


Кобасна  е село во Придњестровје, отцепената територија на Молдавија каде  што се верува дека е најголемото складиште за муниција во Источна Европа, што е остаток од Студената војна и кое го обезбедуваат  околу 1.500 руски војници. Локацијата на складиштето – 200 километри од границата на членка на НАТО, Романија, и само два километри од границата со Украина – му  гарантира внимание од страна на владите и на шпионите кое сега е и поголемо, поради војната во Украина и политичките превирања во Молдавија.

И руските и украинските сили, една година по почнувањето на војната, се соочуваат со недостиг на муниција, при што и едните и другите во голема мера се потпираат на оружјето од советската ера. Се проценува дека во Кобасна има околу 20.000 тони стара советска муниција, што поттикна шпекулации дека двете страни гледаат на складиштето како средство за повторно снабдување на нивните војници со муниција за битка. Сепак, не е јасно дали муницијата во Кобасна е сè уште погодна за употреба по децении складирање, уште повеќе што депото не е проверено од меѓународни набљудувачи повеќе од 15 години. Неговата сегашна содржина – количината и состојбата на залихите – се познати само на руската војска и нејзините сојузници од Придњестровје.

Војната во Украина, поттикна и стравувања дека складиштето може да биде разнесено – случајно од залутан проектил или намерно, како чин на саботажа од страна на Украина или Русија. Експертите од Молдавија – земја која ја смета руската база во Кобасна како навреда за нејзиниот суверенитет – тврдат дека експлозијата во таков случај би можела да одговара на силата на атомската бомба фрлена врз Хирошима. Други експерти велат дека експлозијата би можела да се спореди со експлозијата во 2020 година што одекна низ пристаништето и центарот на Бејрут. Повеќето проценки,пак, зборуваат за хуманитарна и еколошка катастрофа што ќе се протега многу подалеку од територијата на Придњестровје.

„Војната е хаотична и видовме дека се прошири далеку од првите борбени линии“, вели Емили Ферис, истражувач за Русија и Евроазија во Обединетото кралство.Таа ги спомена нападите врз инфраструктурата во јужна Русија и длабоко во украинската територија, како и случаите кога ракетни остатоци паднаа во Полска и Молдавија. „Некои од нив се случајни, некои не се“, рече таа. „Но, колку повеќе двете страни се приближуваатвоена истрошеност, толку поризично станува нивното однесување“.

Позицијата на Придњестровје во Молдавија е приближно аналогна на улогата на Донбас во Украина и Јужна Осетија во Грузија. Сите се отцепени територии кои и даваат моќ на Русија над земјите кои се обидуваат да ја напуштат нејзината сфера на влијание. Кобасна служи како потпора за рачката. Меѓународните напори да се ослободи складиштето од неговите опасни залихи, надгледувани од ОБСЕ, се во застој од 2004 година, кога Придњестровје ја повлече својата соработка. Русија вели дека нејзиното воено присуство во регионот е потребно за одржување на складиштето, додека Молдавија вели дека Русија го користи складиштето како изговор за да го задржи своето воено присуство. Русија ги опишува своите трупи во Молдавија како мировници.

Како стигнавме овде?

Молдавија гледа нешто од себе во Украина. И двете се поранешни советски републики кои бараат поблиски врски со земјите на Запад. Притоа, и двете предизвикаа насилно противење од руските јазични малцинства на нивниот исток. Растејќи во Молдавија во последната деценија од советското владеење, видов демонстрации кои повикуваа на културна слобода и повторно обединување со Романија, западниот сосед со кој споделуваме ист јазик. Младите мажи во тоа време беа регрутирани за советската окупација на Авганистан, а стравот од смрт во далечна војна ја подгреа антипатијата кон Москва.

Како што независна Молдавија излегуваше од советските урнатини, така таа создаваше силни врски со Романија. Ова предизвика тревога во Приднестровје, дел од територијата на исток, помеѓу реката Днестар и границата со Украина. Населението таму е историски повеќе свртено кон Русија и повеќето од нив зборуваат руски наместо романски. Во 1992 година, молдавската војска и сепаратистите од Придњестровје влегоа во меѓусебна војна, а жестокиот четиримесечен конфликт заврши со руско посредство. Како дел од договорот за примирје, Русија обезбеди околу 500 војници за заедничките мировни сили кои ја контролираат тампон зоната, одвојувајќи ја територијата со која управуваат властите во Придњестровје од најголемиот дел од земјата со која управува молдавската влада. Овие руски мировници ефективно ги надополнија поголемите сили што беа оставени  во складиштето Кобасна.

Придњестровје така  стана бастион на руското влијание, а неговата политика и економија се заглавени  во канџите на репресивната про-Кремљ елита. Странските новинари и патописци имаат тенденција да го опишуваат како забавен парк на Советскиот Сојуз, замрзнат во времето, на чии јавни плоштади доминираат статуите на Ленин и Маркс. Фабриките од советската ера на територијата се и посоодветни споменици за трајното влијание на Москва. Приднестровје беше силно индустријализирано од комунистите, а неговите фабрики се масивно субвенционирани и речиси ништо не плаќаат за рускиот гас со кој се задоволуваат нивните енергетски потреби. Енергетско-интензивниот бизнис со производство на челик опфаќа повеќе од половина од индустриското производство на територијата,а центарот е во градот Рибнита, каде што фабриката – порано во сопственост на рускиот конгломерат Металоинвест – привлекува работници од далеку .

 „Младите луѓе кои отидоа да работат во Рибнита завршија таму“, вели Серхи Паламарчук, градоначалник на Мали Кујалник, мало село веднаш преку границата во Украина. „Сега тука останаа само нивните родители“.

Паламарчук вели дека поголемиот дел од неговото село во голема мера ја поддржувало Русија до инвазијата минатата година. Но, руски проектили погодија воена касарна во селото во раните утрински часови на 24 февруари, при што загинаа повеќе од 20 војници.

 „По нападот, односот кон Русија радикално се промени“, рече Паламарчук. Во минатото, рече тој, многумина во селото ги полагаа своите надежи во економски бум во Придњестровје. „Тоа никогаш не се случи – ветената земја исчезна“, рече тој. „Каде што има Русија, нема благосостојба“.

Може ли Русија да го внесе Придњестровје во војна?

Руското воено присуство во Придњестровје подолг период го загрижува Киев. По заземањето на Крим од страна на Русија во 2014 година Украина ископа ров долж нејзината граница со територијата. Сите гранични премини на Украина со територијата се затворени по целосната инвазија на Русија минатата година. „Приднестровје се вклучени во акциите на Русија против Украина“, рече Паламарчук. Мештаните во пограничните села разбираат дека ситуацијата е полоша бидејќи руските трупи го окупираат Придњестровје.

Но, поради 20.000 тони муниција што ја чуваат војниците, тие не можат лесно да го напуштат Придњестровје. Територијата нема функционална воздушна линија и се потпира на неформален договор со Молдавија за нејзините воздушни врски. Во минатото, во рамките на напорите за разоружување надгледувани од ОБСЕ, железничката врска на Придњестровје со Украина се користеше за пренос на значителен дел од залихите на Кобасна во Русија. Но, Русија може да пристапи до муницијата денес само доколку нејзините сили во Украина се поврзат со оние во Придњестровје.

Шпекулациите дека Придњестровје може да влезе во војната во Украина се речиси исто толку стари колку и самата војна. Кон крајот на април 2022 година, два месеци по инвазијата, висок руски командант, Рустам Минекаев, рече дека заземањето на јужниот брег на Украина би можело да отвори „друга рута“ кон Придњестровје каде што, како што тврдеше, населението што зборува руски било угнетувано. Тврдењето, за кое тој не даде никакви докази, го повтори образложението на Москва за нејзината инвазија на Украина. Неколку дена подоцна, во Приднестровје беа пријавени серија мали експлозии, чија цел беа радио јарболи и воени и безбедносни инсталации. Наводно, беспилотни летала  прелетале и над складиштето за муниција Кобасна и пукале во селото.

Самонаречениот претседател на Придњестровје, Вадим Красноселски, рече дека украинските сили ги организирале „терористичките“ напади со цел да ја вовлечат територијата во војна. Киев ги негираше обвинувањата.

Според Камил Калус, висок соработник во Центарот за источни студии, тинк-тенк со седиште во Варшава,  нападите „најверојатно биле организирани од или со учество на руски тајни служби“ со цел да се создаде чувство на општа несигурност, дестабилизација на Молдавија и прогласување на Украина за терористичка држава. Други аналитичари во тоа време сугерираа дека Русија ги организирала нападите со лажно знаме за да го отвори патот за влез на Придњестровје во војната, веројатно како отскочна даска за напад на украинскиот град Одеса.

Вистинска или не, таа воена цел почна да изгледа сè поневеројатна бидејќи украинскиот отпор ја принуди Русија да ги намали своите првични воени цели. Денес, Придњестровје останува на стотици километри од најблиските руски сили во Украина, а клучните градови меѓу нив – Одеса, Миколаев и Керсон – се цврсто под украинска контрола. Аналитичарите се скептични дека руските и на нив сојузничките сили во Придњестровје – за кои се верува дека бројат неколку илјади – би можеле да одиграат значајна улога во војната. Огромното мнозинство од овие трупи се слабо обучени и регрутирани локално, а не од Русија. Дури и силите од 1.500 лица кои ја чуваат Кобасна, на пример, во голема мера ја сочинуваат Транснистријани кои добиле руско државјанство.

Според Артем Филипенко, експерт во тинк-тенк со седиште во Киев, контингентот може да се користи за „шпионски и саботажни акции“ во јужна Украина. Сепак, од поголема вредност е само заканата дека овие трупи некако би можеле да бидат ставени во игра, како што е подвлечено од честите најави од Придњестровје за предвремени вежби за обука и севкупна борбена готовност. „Украина е принудена да го земе предвид присуството на овој контингент и да ги задржи силите во областа Одеса за да спречи каков било напад од Придњестровје“, рече Филипенко.

Според Емили Ферис од РУСИ, руските воени напори можеби ќе имаа поголема корист за Придњестровје доколку успееше во својата првична, експанзивна цел да создаде јужен коридор, преку Мариупол, Крим и Одеса. Да се случеше тоа, рече таа, Приднестровје можеше да послужи како логистичка база, помагајќи да се зајакнат руските линии за снабдување. „Има ограничени ресурси, но барем не е непријателска територија, за разлика од остатокот од Украина“.Сега кога Русија ги ограничи своите воени цели на јужниот и источниот фронт, рече таа, трошоците за внесување на друга територија во војната далеку ги надминува сите придобивки

„Да се отвори друг фронт кога тие не би можеле да се поврзат со него, кога нивните линии за снабдување се веќе растегнати – мислам дека тоа практично би било надвор од нивните можности“.

Сепак, предупредувањата дека Придњестровје би можело да се приклучи на конфликтот не стивнаа. Во декември минатата година, шефот на молдавската шпионска агенција рече дека Русија ќе започне офанзива кон Молдавија во 2023 година, со цел да се поврзе со Придњестровје. „Прашањето не е дали… туку кога тоа ќе се случи“, рече Александру Мустеата за радиодифузерот ТВР Молдавија. Тој го спомна складиштето за муниција, сугерирајќи дека тоа би можело да биде цел на руската инвазија. „Една од хипотезите е употребата на оваа муниција во можна воена конфронтација“, рече тој.

Дали муницијата од Кобасна може да се користи во војната?

Целосната инвазија на Украина ја погоди Молдавија потешко од нејзините соседи. Економијата на најсиромашната европска земја зависи од дознаките, додека нејзината политичка сцена е поделена меѓу лидерите кои се за влез во ЕУ и оние кои се за поблиски врски со Русија. Населението од нешто помалку од три милиони минатата година беше зголемено од околу 84.000 украински бегалци, што направи Молдавија  да има најголем дел од украинските бегалци по глава на жител во која било земја во Европа.

 

Нападите врз електроенергетската мрежа на Украина доведоа до прекини на струја и во Молдавија, ракетните остатоци од војната паднаа исто така на молдавска почва, а руските проектили што го преминаа молдавскиот воздушен простор предизвикаа прекин на патничките летови. Нарушувањето на снабдувањето со енергија – до неодамна целосно зависно од рускиот гас – ја доведе инфлацијата дио таван и повеќе, зголемувајќи ја цената на основните производи за повеќе од една третина. Илјадници Молдавци излегоа на улиците за да протестираат против економските тешкотии, многу од нив сиромашни и постари жители на руралните области кои ја поддржуваат проруската опозиција.

На почетокот на февруари, премиерот на Молдавија поднесе оставка, обвинувајќи ги за тоа кризите предизвикани од војната во Украина. Неколку дена подоцна, про-ЕУ претседателката, Маја Санду, ја обвини Русија за заговор за соборување на владата.

„Саботери со воено потекло, камуфлирани во цивилна облека“, рече таа, планирале да ги нападнат државните институции и да земаат заложници. Таа го повика парламентот да ги одобри законите со кои се даваат поголеми овластувања на безбедносните служби – потег што предизвика критики од локалните активисти за човекови права. Тврдењето на молдавската влада дојде само неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски издаде слично предупредување, велејќи дека разузнавачката агенција на неговата земја открила руски заговор за дестабилизација на Молдавија.

Со оглед на тоа што владите во Кишињев и Киев навидум читаат по исто сценарио, Русија одговори со сопственото тврдење. На 23 февруари руското Министерство за одбрана објави дека открило украински заговор за инвазија на Придњестровје. Како изговор за инвазијата, соопшти Министерството, украинската безбедносна служба планирала операција под лажно знаме, при што нејзините агенти, маскирани како руски војници, ќе извршат напади од Придњестровје. Две недели подоцна, на почетокот на март, властите во Придњестровје поддржани од Русија објавија дека спречиле украински заговор за атентат на лидерот на територијата, Вадим Красноселски. Украина ги отфрли сите наводи како провокации.Малкумина аналитичари всушност веруваат дека Украина ќе започне офанзива во Придњестровје.

„Сметам дека е неверојатно дека Украинците би се обиделе да направат некој вид копнен упад бидејќи тоа би го нарушило територијалниот интегритет на друга земја – токму она за што ја обвинуваат Русија“, рече Емили Ферис. Исто така, вели таа, нема индикации дека Русија планира да ја нападне Молдавија.

Институтот за проучување на војната од САД оценува дека Русија нема капацитет за таков напад и нејзините последни тврдења се чини дека се дел од пошироките напори за дестабилизација на Молдавија, можеби со поставување на теренот за напад со лажно знаме во Приднестровје. Официјалниот руски наратив е проследен со зголемени референци за Кобасна. Неодамнешниот текст на руската воена блогирана страница, topwar.ru, шпекулираше дека Украина може да го заземе складиштето со муниција за да ги снабди своите војници. Слични тврдења беа засилени на социјалните мрежи, при што извештаите тврдат дека Придњестровје го заробило складиштето за муниција за да спречи да падне во рацете на Украина.

Меѓутоа, постои голем проблем со тврдењата дека Украина или Русија би можеле да го искористат складиштето за зголемување  на сè помалите резерви со гранати на нивните армии. Најдоцна произведената муниција во Кобасна „сега веројатно е стара најмалку 40 години“, рече Вилијам Хил, поранешен амбасадор на ОБСЕ во Молдавија, кој беше дел од меѓународниот тим што го прегледа складиштето за време на краткотрајните напори за разоружување во раните 2000-ти. . „Тоа не е многу корисно за воени цели“. Поради својата старост, рече Хил, поголемиот дел од муницијата повеќе нема да биде доволно безбедна или сигурна за употреба во битка.Контролите покажаа дека оружјето во складиштето ќе биде од слаба корист во активна војна. Дури и да не се деградирани гранатите тешко е да се поверува, според Хил, дека тие сè уште се употребливи или компатибилни со сегашното вооружување на Русија, и дека навистина може да го свртат текот на војната во полза на Русија.

Што е со ризикот од експлозија во Кобасна?

Дваесет илјади тони деградирана советска муниција можеби има мала вредност на фронтот – но дали тие сепак да игра улога во поширок конфликт? И Русија и Украина имаат капацитет да го кренат во воздух складиштето Кобасна, иако нивните мотиви за тоа се спорни. Минатото лето, Украина нападна десетици руски складишта за муниција во Донбас, користејќи ракети „Химарс“ испорачани од САД за напади далеку од фронтот. Меѓутоа, тие напади ја уништија муницијата што беше наменета за бојното поле, а не  деградирани резерви. Складиштата беа на украинска територија, иако во регион под руска контрола. Масовниот напад на она што официјално е територија на Молдавија, пријателска земја, би било тешко да се оправда. Големата веројатност за цивилни жртви треба да делува како дополнително одвраќање, бидејќи може да ја загрози западната дипломатска и воена поддршка од која зависи Украина. Бидејќи Кобасна е едвај два километри од украинската граница, експлозијата сигурно ќе има влијание и врз украинските цивили.

Исто така, тешко е да се види како Русија може да има корист од минирањето на Кобасна. Експлозија во складиштето би убила стотици нејзини војници. Тоа, исто така, би претставувало сериозна закана за цивилите на сојузничката територија, особено околу 1.000 жители на селото Кобасна. Напад со лажно знаме, спроведен чисто за да се вмеша Украина, теоретски би можел да и служи на целите на Русија.

Артем Филипенко, од Националниот институт за безбедносни студии во Киев, смета дека рускиот напад врз Кобасна, сепак, е замислив кога ќе се вклопи во нејзината растечка тенденција да оди до крај.

„Треба да ја разгледаме подготвеноста на Русија да прибегне кон провокации и злосторства. Како што гледаме, тие се закануваат и на нуклеарната централа Запорожје“, рече тој, наведувајќи ги многуте предупредувања дека судирите во близина на електраната во источна Украина може да предизвикаат катастрофална несреќа.

Сепак, најголемата опасност за Кобасна може да дојде од најпрозаични закани – ненамерна експлозија, веројатно предизвикана од слаби безбедносни протоколи или ракетни остатоци од војната или комбинација од двете. Неколку експерти се прашуваат дали муницијата е соодветно складирана.

„Никој не остави пишани записи за тоа каква е муницијата и каде точно се чува“, рече Јон Леаху, пензиониран полковник од молдавската безбедносна и разузнавачка служба, одговорен за бирото во Придњестровје.

Слична загриженост беше истакната во извештајот на ОБСЕ, по неговата посета на Кобасна во 2006 година – последната инспекција од страна на меѓународен тим. Во извештајот се вели дека муницијата не била прецизно попишана, додека на нејзиното чување може да влијае начинот на складирање. Ако Кобасна излезе од војната недопрена, експертите велат дека деградираната муниција треба да биде уништена на самото место, наместо да се ризикува да биде пренесена во Русија. Бидејќи уништувањето на самото место е скап и сложен процес, Молдавија треба да почне да се подготвува за тоа со свикување конференција на земји и организации кои се подготвени да придонесат.Ако Русија биде поразена, ќе биде многу полесно да се започне тој процес.

Станислав Секриеру, висок аналитичар во Институтот за безбедносни студии, во Париз, вели дека рускиот пораз може да создаде и прозорец за политичко решение меѓу Придњестровје и Молдавија. Сепак, предупреди тој, ослабената Русија во 1990-тите сè уште успеала да го задржи своето влијание во конфликтите што ги вклучуваат отцепените региони во Грузија и Молдавија. „Треба да се избегнуваат линеарни претпоставки дека поразот на Русија автоматски ќе го промени статус квото во Придњестровје, Јужна Осетија и Абхазија“.

Во 2004 година, кога односите меѓу Русија и Западот беа подобри, паузата во напорите за разоружување предводени од ОБСЕ се сметаше за привремено назадување. „Мислевме дека ќе имаме повеќе време“, рече Вилијам Хил, поранешен амбасадор на ОБСЕ во Молдавија. „Мислевме дека ќе се навратиме на повлекување на муницијата за неколку месеци или неколку години. Никој тогаш не претпоставуваше дека ситуацијата ќе остане вака замрзната 19 години“.

На патување низ територијата три месеци пред инвазијата бев изненаден од тоа колку пријатно изгледаше селото Кобасна. Околните села имаат аспект на рурална беда – скршени патишта и распаднати куќи. Кобасна за споредба има уредни куќи и добро одржувани патишта. Нејзиниот градоначалник, Леонид Куратов кажа дека селото ја должи својата среќа на складиштето за муниција во неговата периферија.

„Луѓето овде работат во воената единица“, рече тој. „Тие се третирани добро, имаат добри плати. Тие не се плашат од експлозија затоа што ова е нивна работа“. Тој носталгично зборуваше за времето пред војната, кога границата беше отворена, а селаните слободно се мешаа со Украинците.

„Што се случи со нив? Американците ги претворија во зомби! Ги сменија Украинците во корен!“- се зачуди тој? Илие Гулца ( БИРН)