МОН прима мислења за нацрт-законот за основно, ќе нема помалку часови


Дебатите досега се одвиваат најдобро, ги разгледуваме сите предлози и забелешки од наставничката фела и од сите кои директно се инволвирани во воспитно-образовниот процес. Генерално, сите коментари беа конструктивни, изјави министерот Арбер Адеми кој денеска присуствуваше на нова дебата за нацрт-законите за основното образование и за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта.

Тие се веќе 15-ина дена ставени за сугестии и на Електронскиот регистар на прописи ЕНЕР, а  дискусиите кои деновиве беа организирани  во неколку општини ќе продолжат во други и наредната недела.

На секоја дебата се отвора прашањето за намалување на бројот на часови, особено за учениците од прво до трето одделение. Министерот е дециден дека бројот нема да се намалува затоа што според извештаите на ОЕЦД и УНИЦЕФ децата до 14 години во земјава имаат помалку од 900 часови односно година и половина помалку образование.

-Така што, засега не би се одлучиле за намалување на бројот на часови. Притоа ги имаме предвид и слабите резултати на меѓународните тестирања. Сакаме да ја имаме реалната слика на нашиот образовен систем, па да ги креираме политиките кои ќе вродат со плод. Мислам дека со овие аргументи ќе имаме разбирање, рече Адеми во изјава за медиумите.

Меѓу прашањата кои често ги добиваат на дебатите е и реонизацијата односно избирањето основно училиште надвор од општината на живеење. Се разгледува, рече, и ќе се доуреди до финалната верзија на  законот во такви случаи да има согласност од училиштето каде што ученикот треба да се запише и согласност од училиштето каде што сака да се запише.

Меѓу новините во нацрт-законот се професионален и кариерен развој на наставниците, што ќе влијае и на нивната мотивација, воведување национални стандарди базирани на компетенции што учениците треба да ги стекнат, тандем наставници т.е. квалификуван наставник за физичко образование покрај одделенскиот, деполитизација и департизација со новини во начинот на избор на директори од училишниот одбор во кој мнозинството ќе бидат родители и стручни соработници, новини во исхраната на учениците, ученичко организирање т.е. парламент на ученици…

Кога законот ќе помине на Влада, ќе следува собраниска расправа. Адеми вели дека не им е важен рокот, туку квалитетот.

-Важно е да имаме закон со кој ќе го подобриме образовниот систем. Ќе продолжиме со консултации и со ваков пристап за да ја расчистиме и најмалата дилема за кој било член или одредба од законот. Нацртот е на ЕНЕР 20 дена. Ќе ги разгледаме сите коментари и тие што се основани ќе бидат инкорпорирани. Целта ни е да го подобриме финалниот текст на законот, додаде министерот.