МОН добива 19,2 милиони евра од ЕУ
За исполнетите обврски од реформската агенда Министерството за образование и наука добива 19,2 милиони евра од Европската Унија – информира попладнево министерката Весна Јаневска на „Фејсбук“.
– Кон преземените обврски преку реформската агенда пристапивме одговорно и работевме посветено. Така и ќе продолжиме. Резултатот е евидентен и јас сум задоволна од досегашната исполнетост на поставените цели за што сакам да им се заблагодарам на Владата и на институциите со кои партнерски работевме и секако на Европската Унија, која ќе го дополни буџетот на Министерството за образование и наука со 19,2 милиони евра, со кои ќе ги продолжиме образовните реформи – додаде министерката.
Во областа на човечкиот капитал, како што истакна таа, Министерството за образование и наука успешно ги реализирало трите клучни образовни реформи.
– Над 160 основни училишта опремивме со безжична опрема и современи ИТ-алатки, кои овозможуваат безбеден пристап до интернет. Имплементиравме нова методологија за финансирање на основното образование, почнувајќи од оваа буџетска 2026 година, со што обезбедивме повеќе средства и нивна правична распределба кон училиштата. Третата мерка е исполнета предвреме – усвоен е нов модел на финансирање на средното и стручното образование, исто така применет од почетокот на оваа тековна буџетска година – се додава во објавата.
Министерката истакнува дека ќе продолжат до целосно исполнување на сите преземени обврски во Реформската агенда, а тие подразбираат, како што се вели, инвестиции во поквалитетно и европски – ориентирано образование.