Молдавија ќе прогласи вонредна состојба
Владата на Молдавија од 16 декември ќе прогласи вонредна состојба во траење од 60 дена поради загрозената енергетска безбедност и потенцијалните хуманитарни последици.
Одлуката за вонредна состојба треба да биде изгласана во Парламентот.
Владината одлука е поради неизвесноста дали руската компанија „Газпром“ ќе го снабдува со гас молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје, преку кој и Република Молдавија добива гас.
За време на вонредната состојба, Комисијата за вонредни состојби ќе може да донесе вонредни мерки со цел пренасочување на средствата и координирање на потребните активности со цел да се спречат последици по населението.
Нема проблем со транзитот, секогаш постои начин да се испорача гас до Република Молдавија и левиот брег на реката Днестар. Но, доколку се остварат намерите на „Газпром“, тоа ќе резултира со хуманитарна криза која има две причини. Првиот е недостатокот на енергетски ресурси за основните потреби среде зима. Вториот е дека луѓето нема да имаат приход да ги купат основните производи. А тоа е контекстот на проблемите што треба да ги реши молдавската Влада, истакна премиерот на Молдавија, Дорин Речеан.
Молдавија сега преку интерконекцијата со Романија дневно увезува 315 мегавати струја, што е недоволно во време на најголема потрошувачка.
Ситуацијата се влошува и поради тоа што енергетската интерконекција помеѓу романскиот град Исача, во Добруџа, и молдавскиот Вулканести делумно поминува низ територијата на Украина.
Ако испораките на природен гас на Газпром исто така престанат, најголемата молдавска електрана на гас Кучиурган нема да може да ги произведува потребните количини електрична енергија. Тоа значи дека, дури и да се обезбеди струја, нејзината цена значително ќе порасне, особено за жителите на левиот брег на Днестар, во Република Молдавија.
На 11 декември молдавската енергетска компанија „Енергоком“ извести дека изминатите денови е забележана зголемена потрошувачка на електрична енергија, набавена од Романија, каде се зголемени цените во однос на минатиот месец. „Енергоком“ затоа ги повика граѓаните порационално да трошат струја.