Моден викенд Скопје, не е само гламур, туку и активизам
Света Богова-Јовановска, која и со својот изглед, стилски совршен, а ненаметлив, промовира домашни и странски брендови - таква моќна порака шири и со Моден викенд-Скопје
Света Богова-Јовановска (42), организаторката на Моден викенд-Скопје, која пред да се пресели во Скопје, во родната Москва работела во списанија за мода и лајфстајл, организирала модни ревии и била промотор на дизајнери, 13 години го диктира македонскиот и регионалниот моден ритам. Секогаш знае да ги „прочита“ актуелните модни трендови и да ги пласира со ревии, изложби, сет на разговори на тркалезна маса, да истражува и дискутира на теми за одржливост, да сподели знаење и да ги поттикне потребните промени кон поодржливо општество и индустрија. Секоја чест на Света и спонзорите и институциите кои верно ја поддржуваат!

Низ бројки, изминатите години на FWSK изгледаа вака: реализирани се 303 модни ревиии, истите ги следеле преку 100.000 гледачи, се претставиле околу 50 самостојни дизајнери и 42 модни брендови и странски гости, организирани се 27 општествено одговорни настани, моделите ги носеле над 3.000 манекени, во организацијата биле вклучени над 500 луѓе и сѐ се одржувало на 50 типични и нетипични локации.
Богова-Јовановска, која и со својот изглед, стилски совршен, а ненаметлив, промовира домашни и странски брендови – таква моќна порака шири и со Моден викенд-Скопје, мода и квалитет кој не е само синоним за луксуз, туку фактор на одржлив и одговорен развој.
Света и нејзиниот лојален тим, добро знаат дека Македонија не може без мода, ниту модни муабети, не трпи модни критики, ама ги почитува и вреднува новите надежи „скриени“ на Факултетите по моден дизајн во Скопје и ширум Македонија, под менторство на искусни дизајнери.
Активизмот на FWSK, низ бројни општествено одговорни проекти најмногу поврзани со циркуларната мода, со години наназад го врти вниманието кон одредени проблеми во нашето опкружение и иницира начини да се приближиме кон решавањето на истите. Обединувајќи ги уметноста, науката, агрокултурата, и бизнис иницијативите со иновативниот дизајн, технологиите и материјалите кои го елиминираат отпадот и загадувањето, „нивната мисија е да се оствари позитивно влијание врз модниот синџир на вредности низ целата земја. Инспирирани од природата за природата“.

И деновиве, на 26. Моден-викенд во Ист гејт мол во Скопје, кој се совпаѓа со Деновите на италијанска мода, со новинари, блогери, професори и менаџери од земјава и Италија, се дебатира на тема „ Квалитет кој просветлува. Енергијата на дизајнот и за луѓето и за околината“.
Едноставно, затоа што со својата интелектуална и продуктивна енергија, италијанскиот дизајн има намера да помогне да се донесе светлината во период во кој се чини дека преовладуваат сенките и темнината, и да го направи тоа користејќи го квалитетот кој отсекогаш бил негов белег. Во овој контекст, зборот квалитет не е толку синоним за луксуз, туку фактор на одржлив и одговорен развој. Квалитетот е поврзувачки елемент кој го поврзува италијанскиот дизајн со производството на највисоко ниво преку комплексен меѓусебно поврзан синџир во акција што не е само-референтна, туку интегрирана во ефикасен и заеднички систем.

Во рамките на модниот настан во Ист гејт мол, најавена е и презентација на ‚‚3D и модна индустрија” – инфо ден на Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер и Македонското модно здружение со дигитална модна ревија на Искра Џокиќ Кецап.