МНР: Антикорупционерите не се лица кои имаат задолжително право на дипломатски пасош
По неколкдневни нејаснотии околу тоа дали членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) имаат или немаат право на дипломатски пасоши, денеска се огласи Министерството за надворешни работи, кое вели дека тие не им следуваат законски.
„Членовите на оваа Комисија не влегуваат во категоријата на лица кои согласно со актите кои го регулираат ова прашање имаат задолжително право на дипломатски патни исправи, но истовремено, на одредени категории, доколку министерот процени дека има потреба, Министерството за надворешни работи има право да издаде дипломатска патна исправа“, соопшти МНР околу барања за дипломатски пасоши од шесте членови на ДКСК.
Како што наведува МНР, седум барања до Министерството – за претседателката Татјана Димитровска и за шесте членови во Антикорупциската комисија, биле доставени од ДКСК во април и тогашниот министер за надворешни работи позитивно одговорил само за претседателката на Комисијата.
Во однос на останатите членови на ДКСК, наведува МНР, „министерот за надворешни работи и надворешна трговија ќе направи дополнителни консултации со цел да биде донесена соодветна одлука, односно дали постојат оправдани причини и тие евентуално да добијат дипломатски или службени патни исправи“.
Антикорупциска денеска реагираше реагираше со соопштение во кое наведе дека тоа е „право, а не привилегија“ ѝ е овозможено со Законот за патни исправи, цитирајќи го член 11.