Мнозинството Американци веруваат дека ОН е неопходна, но ја критикуваат неефикасноста


 Мнозинството Американци веруваат дека Обединетите нации играат неопходна улога во светот, но ја критикуваат неефикасноста на светската организација, покажуваат резултатите од најновото истражување на јавното мислење на Галуп.

Анкетата, објавена денеска, покажува дека 60 проценти од Американците веруваат дека ОН е неопходна, што е помал процент во споредба со претходните анкети спроведени во последната деценија, објавува американскиот портал „Политико“.

Сепак, 63 проценти од испитаниците веруваат дека ОН лошо ги решава глобалните проблеми.

Поддршката за Обединетите нации беше поголема во минатото кога, според анкетата од 1997 година, 85 проценти од Американците рекле дека глобалната организација има неопходна улога.

Мнозинството Американци го поддржуваат финансирањето на Обединетите нации од страна на САД, при што 35 проценти од испитаниците сакаат да се задржат сегашните нивоа на финансирање, 25 проценти сакаат зголемување, додека 37 проценти веруваат дека финансирањето треба да се намали.

Големо мнозинство – 79 проценти од нив – веруваат дека САД треба да останат членка на ОН, додека 17 проценти веруваат дека САД треба да се повлечат од членството.

Според партиската припадност, 59 проценти од републиканците веруваат дека ОН не игра неопходна улога, додека само 19 проценти од демократите се согласуваат.

Додека повеќето демократи и независни веруваат дека САД треба да останат членка на ОН, републиканците, според Политико, се многу посклони да кажат дека САД треба да се повлечат.

Само четири проценти од демократите го делат ова мислење, во споредба со 17 проценти од независните и 36 проценти од републиканците.

Анкетата е спроведена преку телефонски интервјуа од 1 до 20 август со случаен примерок од 1.094 возрасни Американци.