Мистериозна интернет-страна најавува враќање на „АББА“
Шведска– Шведската поп-група „АББА“ можеби подготвува изненадување за обожавателите, бидејќи Твитер-корисник под името „ABBAVoyage“ и интернет-страна со истото име се појавија на мрежата вчера.
„Придружете ни се“, гласи твитер-објавата што ги повикува обожавателите да бидат „први што ќе слушнат“ повеќе за „АББА Војаж“. Агенцијата за односи со јавноста ЗАП-ПР ја потврди автентичноста на интернет-страницата, јави ДПА.
Гласините говорат дека изненадувањето може да биде нова песна, нов албум, или пак, дури и нова турнеја.
Составот сочинет од Агнета Фалцког, Ани-Фрид Лингштад, Бјорн Улвеус и Бени Андерсон снимаа нови материјали во 2018 година, кои сѐ уште не се објавени. На почетокот на оваа 2021 година, Улвеус рече дека песните ќе бидат објавени годинава.
AББA е еден од најпопуларните музички уметници во историјата, откако продаде стотици милиони албуми ширум светот од формирањето во Шведска 1972. Едноставните, но високо софистицираните песни на групата опстојуваат откако групата, составена од два брачни парови, се разделила по распадот на двојките во 1982 година. Тие поставија образец за поп музика што стана актуелна во последниве години, пример за тоа е работата на сонародникот Макс Мартин (кој работеше со сите од Бритни Спирс до Тејлор Свифт и Џастин Тимберлејк во текот на изминативе две децении) од комерцијална страна и Робин од иновативна страна.
Додека текстописците Андерсон и Улвеус продолжија да работат заедно (вклучително и мјузикл „Шах“, со текстописецот Тим Рајс во 1984 година), четворицата членови не се појавија повторно јавно на сцената до 2016 година.